Најголемиот автобуски превозник ги зголеми приходите за 70 отсто, сопственикот вели дека тоа не е поради поскапувањата на билетите
Објавено во: Економија 23 Јуни, 2023
Најголемиот охридски и македонски автобуски превозник АД Галеб Охрид за една година ги зголеми приходите од 101 милиони денари, на 172 милиони денари, односно за повеќе од 1,15 милиони евра, покажува извештајот за работењето на компанијата во 2022, објавен на „Македонска берза“.
Дел од автобуските превозници од Охрид и Струга на почетокот од минатата година ги зголемија цените на автобуските билети во меѓуградскиот и меѓународниот сообраќај за 20 отсто. Ако повратна карта од Скопје до Охрид беше 900 денари, новоформираната цена изнесуваше 1100 денари.
Автобуските линии од Скопје кон странство не се обновени во целост како пред пандемијата на коронавирусот. Фреквенцијата на патници е намалена, некои линии се нерентабилни, а многу транспортни фирми се соочија со загуби. И превозниците се жалат дека бројот на патници е намален, но тоа не може да се каже за охридскиот превозник.
Сопственикот на АД Галеб Охрид, Димитар Василески, ни изјави дека зголемениот приход на компанијата не се должи на поскапените цени во енергетската криза кои претходеа на самата инфлација, туку на тоа што друштвото претрпело реорганизација во работењето.
- Зголемувањето на приходите најмногу се должи на договорите со странските инвеститори во индустриските зони да ги превезуваме нивните работници. Исто така имаме и договор со холандскиот оператор ТУИ нивните туристи да ги превземаме од охридскиот аеродром и да ги превезуваме до самиот град. Напротив, приходите од редовните организирани линии се во пад затоа што имаше нивно укинување поради нерентабилност, вели Василески.
Тој додава дека има зголемувања и на расходната страна поради поскапувањето на горивото и зголемувањето на платите на работниците. „Галеб Охрид“ во 2022 остварил добивка од 250.000 евра, наспроти добивката од 150.000 евра една година претходно.
Акционерското друштво „Галеб“ има 130 вработени, 25 минибуси, 1 панорама, 8 автобуси за локален сообраќај и 40 високостандардни автобуси. Во изминатиот период „Галеб“ АД створи доста разгранета и разработена сообраќајна мрежа, како низ Македонија, така и кон соседните држави.
Во март „Галеб“ продаде близу 33 отсто од акциите на компанијата, или една третина од оваа охридска превозна фирма. Платени беа нешто повеќе од 400 илјади евра за безмалку 33 проценти од капиталот на компанијата, што воопшто не е мала сума.
А.К.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.