ПРЕВЕДУВАЧИТЕ СЕ СО ПОЛНИ РАЦЕ РАБОТА: Кои документи граѓаните ги преведуваат за заминување во странство?
Објавено во: Економија 17 Декември, 2024
Поради иселувањето во странство или одењето на привремена работа надвор од границите на Македонија, граѓаните имаат потреба да ги преведуваат своите документи.
Преведувачите имаат зголемен обем на работа поради миграцијата на населението. Овој тренд зема замав последните години. Преведуваат дипломи, препораки, потврди за неосудуваност и слично на различни јазици. За граѓаните е многу важно да добијат квалитетен превод и да ги реализираат своите планови.
„Еден сектор од Здружението на преведувачи и толкувачи на Северна Македонија е работната група за судски превод. Судскиот превод го вршат постојани судски преведувачи кои својата лиценца за работа, односно Решение, ја добиваат преку Министерството за правда. Нивната главна задача е да вршат превод на документација, а со својата заверка/печатот и потписот гарантираат верност на преводот со оригиналот. Во последните неколку години видлива е промената во карактерот на документите што се преведуваат - ако порано беа документи врзани со судски процеси, медицинска документација или деловни договори, денес најчесто се преведуваат дипломи, препораки и потврди од казнена и кривична евиденција. Тоа само упатува на фактот дека голем дел од граѓаните, особено младите, заминуваат во странство на студии или на работа. Овој тренд трае веќе една деценија, каде што колегите што имаат печати за дефицитарните јазици имаат многу работа - тука ги вклучувам холандскиот, скандинавските јазици, словенечкиот, чешкиот...преводите кон англиски или француски јазик веќе се секојдневие, но појавувањето на понезастапените јазици само покажува дека младите, но искусни професионалци, заминуваат кон нови дестинации. Жално е кога ќе видите во колкава мерка се отселуваат кадри со високо образование“, објаснува Лукреција А. Маљковиќ, Претседател на ЗПРМ.
Таа додава дека кај судските преводи се јавуваат два проблеми. Еден од најактуелните проблеми за судските преведувачи, а за кое ЗПРМ веќе подготвува активности, е пренесувањето на странските имиња од и кон македонскиот или странскиот јазик.
„Транскрипцијата и транслитерацијата на имињата ни создава огромни главоболки и нам и на клиентите кои се соочуваат со страшни проблеми во личните документи, особено со имиња кои имаат букви кои кај нас ги нема. На пример, W, Y, X или пак Ć, Đ, Š кои треба да се пренесат на македонски...или обратно, нашето Џ, Ќ, Ѓ во странски јазик. За да појаснам, доколку името е Claire, должни сме да го пренесеме како Цлаире, Jack во Јацк, Jeanеttе во Јеанетте наместо Жанет, што наидува на шок кај клиентот што некогаш прераснува во докажување дека така мора да биде. Или, Dexter во Деџтер, па ако лицето подоцна треба да направи превод од македoнскиот документ, тогаш по истиот процес станува Dedjter. Ова е исто така видливо со презимињата од регионот каде што ĐORŠEVIĆ станува ЃОРШЕВИЌ, а во повратен процес ако документот се преведува од македонски јазик, лицето ќе стане GJORSHEVIKJ. Во моментот, како Здружение работиме на решавање на овие проблеми врз основа на истражувањето што го направивме и искуствата што ги прибравме, па да се надеваме дека овој проблем конечно ќе биде надминат“, додава нашата соговорничка.
Вториот проблем како што вели е масовното издавање на решенија за судски преведувачи и недоволно строгото тестирање за истите.
„Јас лично, на пример, добивам неверојатен број на судски преводи од и кон хрватскиот јазик, особено во летниот период кога е шпицот на одлив на работници во хотелиерството или угостителството. Огромен дел од тие преводи ми се даваат на корекција бидејќи биле одбиени од страна на хрватските власти заради непрецизниот хрватски јазик. Главната причина е што преведувачите што имаа решенија за она што на времето беше „српско-хрватски“ јазик, сега решенијата ги поделија на судски преведувачи за „српски јазик“ и судски преведувач на „хрватски јазик“ без да се познава доволно хрватскиот јазик кој во последните децении помина низ многу јазични промени. Оттаму, Министерството за правда треба да ги заостри критериумите околу доделувањето печати за судски преведувачи за одредени јазици за да се избегнат непријатностите за клиентите кога документите им се одбиваат, бидејќи судскиот превод носи одредена тежина, тоа се официјални документи од кои некогаш на клиентите им зависи и животот“, раскажува Лукреција А. Маљковиќ.
Поголеми македонски заедници има во Германија, Италија, Швајцарија, но и подалеку во САД и Австралија. Хрватска, Малта се земји каде многу млади Македонци одат поради работа. Пописот во 2021 година покажа дека населението во земјава е намалено во однос на 2002 година. Заводот за вработување на Република Словенија пред две седмици во земјава организираше настани со цел словенечките работодавачи да се поврзат со македонските работници.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/katemangostar
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.