Најмалку две албански партии во новата Влада, сите се залагаат за албанскиот јазик
Објавено во: Македонија 25 Декември, 2016
На вчерашната средба по иницијатива на Али Ахмети меѓу ДУИ и Алијансата за Албанците е договорена заедничка платформа која ќе го издигне албанскиот јазик и неговата официјална употреба, а речиси е договорен и заеднички настап врз овој принцип во нова владина коалиција.
Без оглед на кого ќе му ја доверат поддршката, ДУИ и Алијансата ќе очекуваат македонскиот партнер да ги прифати овие барања. Зијадин Села посочил дека добро би било и БЕСА да се приклучи на иницијатива за нова влада со 50+10+5+3 пратеници што ќе донесе поголема стабилност.
Од ДУИ се уште јавно не потврдиле со кого ќе коалицираат, засега одредени нивни истакнати членови се против здружување со ВМРО-ДПМНЕ, а неофицијално четворица пратеници се подготвени да се одвојат во таков случај и да се придружат на опозицијата што би било катастрофално за самата партија.
Теута Арифи во интервју на Алсат М посочи дека во ДУИ се разгледува можноста да се коалицира и со СДСМ бидејќи на овие избори нема јасен победник, ниту кај Македонците ниту кај Албанците, па сите опции се возможни.
Од БЕСА пак, имаат речиси слични барања, со поголем нагласок на изедначување на албанската заедница со македонската, консезуално одлучување во владата и одбегнување на влада во која ќе има членови осомничени за тешки кривични дела.