„НАМЕРНО ДЕЗИНФОРМИРАЊЕ НА ЈАВНОСТА“: Деспотовски негира дека е уапсен, еве што објави
Објавено во: Македонија 28 Декември, 2024
Дел од медиумите пренесуваат дека некогашниот директор на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски е уапсен. Според објавите, тој утрово бил приведен, во случај на Управата за финансиска полиција, и давал исказ во суд.
Сепак, на темата се огласи и самиот Деспотовски кој негира дека е приведен,
- Во врска со информациите кои се појавија во јавноста за наводно приведување сакам да ја информирам јавноста дека сите наводи за такво дејствие се неточни.
Објавената информација од дел од медиумите ја сметам за намерно или ненамерно дезинформирање на јавноста. Во моментов, ги преземам сите потребни правни чекори за заштита на мојата чест и углед.
Мојата достапност и за институциите и за медиумите досега е потврдена во пракса и ќе остане така и во иднина. Навистина очекувам медиумите да ја проверат точноста на информациите пред нивно објавување, со цел да избегнат понатамошно ширење на дезинформации - наглсува Деспотовски.
Според медиумите кои први објавија дека тој е приведен, се наведува дека тој се терети за наводна проневера на 2 милиони евра во ТИРЗ Струмица и ТИРЗ Штип.