Извршител за Народна банка го бара недоизградениот хотел на „Бетон“ зад зградата на ВМРО-ДПМНЕ
Објавено во: Економија 16 Септември, 2022
Народна банка го запленува недоизградениот хотел на градежниот гигант „Бетон“ зад палатата на ВМРО-ДПМНЕ во строгиот центар на Скопје. Во постапката е вклучен извршител и деловна банка-ремитент
Станува збор за заплена на стоотстотниот удел на АД Бетон кој го има во филијалата Бетон Хотели, во која припаѓа и недоизградениот хотел. Во одговорот кој го добивме од централната банка се вели дека во поширокиот имот кој се запленува, тие се само еден од доверителите.
- Прашањата кои ги поставувате се однесуваат на детали од извршна постапка која се води пред надлежен извршител, во која Народната банка е еден од доверителите и ќе може да го наплати своето побарување согласно позитивните прописи и воспоставено заложно право, ни рекоа од Народна банка.
Народна банка ги запленува и стоотстотните удели кои АД Бетон ги има во подружниците Бетон Агрегати, Бетон - Про, Бетон Каменолом и Бетон Рудник. Од НЛБ Банка, која во случајов е доверител-ремитент, ни одговорија дека по завршувањето на постапката, целиот овој имот ќе има нов сопственик.
- Извршителот има издадено Налог за извршување врз удел кој понатаму би се продавал во рамките на постапката согласно одредбите од Законот за извршување. “Удел во друштвото" е севкупност на права и обврски коишто содружникот ги стекнува врз основа на влогот во основната главнина на друштвото. Врз уделот во трговско друштво извршувањето се спроведува со запленување на уделот, негова процена и продажба и намирување на доверителот. Купувачот на уделот се стекнува со права и обврски согласно со Законот за трговските друштва. Со продажба на удел, друштвото чиј удел е предмет на реализација на залог ја менува сопственичката структура, објаснуваат од НЛБ Банка.
Ад Бетон од 31 август е ставен на листата на набљудување на „Македонска берза“ со известување дека има блокирана банкарска сметка. Претходно градежниот оператор во јавноста објави дека Народна банка од нив има побарување од 5 милиони евра.
„На крај, заради едностраното раскинување на Договорот за градење, НБРСМ ги активираше и гаранциите во износ од 2.5 милиони евра и дополнително ја блокираше банкарската сметка на компанијата за дополнителни 2.5 милиони евра за исплата на штети, со што се создаде паника и во банкарскиот сектор. Во последните неколку денови, кредиторите на ДГ БЕТОН АД Скопје донесоа одлуки да ги доспеат сите кредитни рамки на компанијата со што Комерцијална Банка АД, Стопанска Банка АД Скопје, Халк Банка и НЛБ Банка ги активираа своите хипотеки, како и мениците, со што пристапија кон постапка на извршување на целиот недвижен и подвижен имот на компанијата до подмирување на своите побарувања“, гласеше дел од обраќањето на АД Бетон во јавноста.
A.K.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.