НАРОДНА БАНКА ЌЕ ЈА НАМАЛИ ОСНОВНАТА КАМАТНА СТАПКА ЗА 0,25 п.п. - се уште има ризици од надворешни фактори
Објавено во: Финансии 18 Септември, 2024 12:12
Народна банка одлучи дека ќе ја намали каматната стапка на благајничките записи за 0,25 проценти поени. На последната седница на Извршниот одмор на Народна банка било оценето дека најновите услови во економијата овозможуваат да се почне со постепено претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика. Следствено, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали на нивото од 6,05 отсто. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети, на нивоата од 4,20 проценти и 4,25 отсто, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
- Со ваквите промени се задржува внимателноста во монетарната политика имајќи ги предвид ризиците поврзани со надворешното окружување што сè уште постојат, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, вклучувајќи го и постепеното зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките (1 отсто со примена од јули 2024 година), ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Воедно, промените во инструментот задолжителна резерва коишто се применуваат од јули 2024 година, придонесуваат за дополнителна поддршка на поставеноста на монетарната политика - се нагласува во соопштението на Народна банка.
Додаваат дека одлуката за монетарната политиката е заснована на оцените за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар.
Годишната стапка на инфлација во август позначително забави и изнесува 2,2 отсто, при поволни движења кај сите три главни компоненти, односно пад на цените кај прехранбената и енергетската компонента и забавен раст на базичната инфлација.
- Со оглед на споредбената основа од 2023 година (мерки за привремено ограничување на растот на цените), до крајот на годината е можна определена променливост во стапката на инфлација, но во просек за целата 2024 година се очекува дека ќе биде во рамките на проектираната од 3,5 проценти, според априлскиот циклус проекции. Во анкетите на ЕК за очекувањата на потрошувачите, веќе пет месеци по ред преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на берзанските цени на примарните производи, најновите прогнози се ревидирани надолу, во согласност со зголемената понуда и намалената побарувачка, што е поврзано со послабите изгледи за раст - се додава во соопштението.
Од НБ соопштуваат дека состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на август изнесува 4.469,8 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во согласност со поволните движења на девизниот пазар, Народната банка од почетокот на годината интервенира со нето-откуп на девизи, што придонесе и за подобри остварувања кај девизните резерви од очекувањата. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јули 2024 година е во согласност со очекувањата од априлскиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со крајот на август се малку повисоки од проектираните нето-приливи од приватните трансфери. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања во вториот квартал од 2024 година е понизок од очекувањата според априлската проекција, при истовремено повисоки остварени нето финансиски приливи.
Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), како фактор којшто Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во септември по вторпат оваа година беше донесена одлука за намалување на каматната стапка за 0,25 п.п.
Економскиот раст во вториот квартал на 2024 година забрза и е речиси идентичен со проекциите на Народната банка. Реалниот раст на домашната економија изнесува 2,3 отсто на годишна основа (1,2 проценти во претходниот квартал), при натамошен раст и на квартална основа.
- Во првата половина од годината е остварен раст од 1,8 отсто, што е блиску до нашата проекција од 1,9 проценти. Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2024 година со кои се располага во моментов се ограничени. Засега, податоците за јули покажуваат реален годишен раст на прометот во вкупната трговија и на индустриското производство, наспроти нивниот пад во претходниот квартал. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти - додаваат од централната банка.
Во монетарниот сектор, депозитниот потенцијал на банките е солиден и засега со изгледи за подобри остварувања од очекуваните за третиот квартал. Слични се остварувањата и кај кредитниот раст, којшто се одржува малку над проектираниот.
- Општо земено, најновите остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека, создадоа можност за намалување на основната каматна стапка. Сепак,Народната банка го задржува внимателниот пристап при натамошните одлуки за монетарната политика. Ризиците поврзани со надворешното окружување треба и натаму да се следат, пред сè цените на примарните производи, коишто сè уште се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските промени, а треба да се внимава и на ризиците од домашните фактори коишто може да влијаат врз побарувачката и цените во следниот период, вклучително и политиката на платите. Оттаму водењето внимателни макроекономски политики ќе биде нашиот приоритет и во иднина - се нагласува во соопштението.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
„КОЛКУ ПАПАЈА МОЖЕ ДА КУПИ ВЛАДАТА ОД НОВА ГОДИНА ДО БОЖИЌ КОРИСТЕЈЌИ ГИ САМО ТИЕ ПРИХОДИ?“ Анализа на потрошувачката на гориво по пробниот старт на „Сејф сити“
„ЧЕКАМ ОДЛУКА И МОЛАМ БОГА ДА ПОМИНАМ СО КАЗНА, ДА НЕ МЕ ВРАТАТ НАЗАД“: Балканец во Германија за 50 евра - косење трева на црно, бил пријавен од човекот каде што работел, сам го викнал па го пријавил!
ИМА ЛИ КАНДИДАТ КОЈ БИ ПРАВЕЛ ЕКОНОМСКИ ПРЕСМЕТКИ ЗА ФИСКАЛНИОТ СОВЕТ – платата е вртоглава, а работното време вообичаено
„Од почетокот на годинава наплативме приходи од 1,95 милијарди евра“: Николовски објави дека бележат раст во сите сектори
РОДИМЕ МАЈКО СО КСМЕТ И ВРАБОТИМЕ ВО АГЕНЦИЈА – „регулираат“ железнички сектор и имаат вртоглави плати
СТАН ВО НЕА ПОТИДЕЈА - ХАЛКИДИКИ ЗА 49 ИЛЈАДИ ЕВРА! Има поглед на море и големина од 60 метри квадратни
Експерт од Microsoft се сели во Apple – Ова е новиот раководител на вештачката интелигенција
Фриленсери, издавачи на станови преку платформи, добивка од криптовалути - секој прилив од странство мора да се пријави
АКО СИТЕ ДЕНЕС НАПРАВАТ ПРЕКРШОК ОД 45 ЕВРА, ЗА 65 ИЛЈАДИ ВОЗИЛА, МВР ЌЕ ИНКАСИРА БЛИЗУ 3 МИЛИОНИ ЕВРА: Еве што вели пресметката





