НАТАЛИТЕТ: Каде најмногу „коси“ белата чума?
Објавено во: Македонија 01 Март, 2019 06:50
Драстично се намалува населението во Охрид, може да се забележи од податоците кои ги објави Државниот завод за статистика.
Во последното тромесечје од 2018 година, овој град имал највисок негативен прираст на населението, односно бројот на починати е за 75 поголем од бројот на родени. Зад него, е Прилеп, каде прирастот е -68. -29 е прирастот во Пробиштип, -22 во Ресен, -21 во Свети Николе, -16 во Старо Нагоричане, -12 во Чешиново - Облешево, -11 во Штип, во Кичево -23, во Крушево -14, Кочани -25, Маврово - Ростуша -6, Македонски Брод -22, Могила -16, Јегуновце -12, Делчево -23, и други.
Ова покажува дека во едни исти општини бројот на родени опаѓа постојано. Македонија ќе стане земја на старци во годините кои доаѓаат.
Во македонскиот бисер, Охрид, граѓаните велат дека наталитетот опаѓа поради иселувањето на младите.
„Само иселувањето е фактор, друго ништо и затоа има толку малку родени деца. Кај нас туристичката сезона е кратка, два месеци трае, и од туризам не може да се живее. Луѓето бегаат, најчесто за Германија или Америка, кој каде ќе се снајде, каде има роднини, пријатели. Познавам многу луѓе во моето опкружување кои се иселија“, вели жителка на Охрид.
Славица М. од Прилеп објаснува дека малите плати не дозволуваат семејствата да се прошират. Додава дека во нејзиниот град, во приватен сектор повеќето работници земаат минималец.
„Финансиите не даваат можност за одгледување повеќе деца. Со 12.000 денари не може да живее едно четиричлено семејство. Јас и мојот сопруг земаме минималец, значи двајцата немаме примања колку просекот во земјава. Плус, во градинките нема место за згрижување на сите деца. Како тој родител ќе оди на работа кога нема кој да му го чува детето? Сите тие работи се поврзани во еден круг. Современиот начин на живот е поинаков од порано кога луѓето живееле на село и чувале повеќе деца. Тоа денес го нема“, вели таа.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2018 година, во споредба со истиот период од претходната година, е зголемен за 5.0 % и изнесува 5 597 живородени деца.
Бројот на умрените лица во четвртото тримесечје од 2018 година бележи зголемување од 9.1 % во споредба со истото тримесечје од 2017 година и изнесува 5 405 лицa, а од нив 48 се умрени доенчиња.
Природниот прираст изнесува 192, што значи дека за толку лица е поголем бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.
Сања Атанасовскафото printerest
Можеби ќе ве интересира
Агелер: Без разлика дали има пристапни преговори патоказот постои, сакаме да видиме повеќе напредок на тој план
МВР отвора шалтер за „Безбеден град“ - граѓаните ќе можат да ги ажурираат контакт-податоците
Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Министерство за здравство ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за смртта на новороденчето
Нема да има огномет од Град Скопје за Нова година?
Собранието го констатираше престанокот на функцијата на обвинителот Коцевски




