НЕ САКААТ ДА БИДАТ АМЕРИКАНЦИ ИЛИ ДАНЦИ: Гренланд сепак ќе остане партнер на Вашингтон
Објавено во: Свет 17 Јануари, 2025
Гренланд ќе соработува со Вашингтон, но не сака да биде дел од САД.
Гренландскиот премиер Муте Егеде го отфрли предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за купување на арктичкиот остров, тврдејќи дека жителите не сакаат да бидат Американци. Сепак, данската автономна територија секогаш ќе остане „силен партнер“ на САД.
Во интервју за FOX News во четвртокот, Егеде зборуваше за загриженоста за националната безбедност.
„Ние сме блиски соседи, соработувавме во последните 80 години и мислам дека во иднина имаме многу да соработуваме“, рече Егеде.
Вели дека Гренланд секогаш ќе биде дел од НАТО и „силен партнер на САД“.
„Но, сакаме да бидеме јасни. Не сакаме да бидеме Американци. Не сакаме да бидеме дел од САД“, додаде премиерот.
Тој рече дека жителите на островот не сакаат да бидат ниту Данци. Трамп првично предложи купување на Гренланд од Данска во 2019 година за време на неговиот прв претседателски мандат. Месецов Трамп пак даде таков предлог.