22 Декември, 2024
0.3458

НЕДЕЛА ДЕН ЗА ОДМОР ОДЛОЖЕНО НА НЕОДРЕДЕНО ВРЕМЕ - Хусни Исмаили: Лично очекувам по изборите да се смират страстите и да се изгласа законот

Објавено во: Економија 28 Септември, 2021

Добивај вести на Viber

Она што веќе е сосема извесно, е дека од први октомври недела нема да стане неработен ден, како што вети Владата. Измените на Законот за работни односи не успеаја да поминат на пленарна седница во Собранието до последниот рок, а тоа беше петок минатата недела, бидејќи од вчера официјално стартуваше кампањата за локалните избори.

Како што е познато, Собранието веќе  не заседава, односно ќе нема никакви активности, со цел да не се злоупотребува предизборно собраниската говорница, и така ќе биде се до завршувањето на вториот круг од изборите, а тоа е 31 октомври оваа година.

Тоа значи дека во октомври буквално нема теорија да стартува недела неработен ден, а дали тоа ќе се случи во ноември и кога, засега никој не може да даде точен одговор.

Фактор го праша Министерството за труд и социјална политика, со оглед што не се стигна навреме да се донесата измените во ЗРО, кога ова министерство очекува да се донесат овие измени, со кои недела ќе биде неработен ден. Односно, конкретно да кажат кога ќе почне недела да биде неработен ден, дали од ноември, декември или од стартот на идната година.

Оттаму не добивме сосема прецизен одговор.

„Во врска со вашите прашања околу измените во Законот за работни односи со кои недела е предвидено да биде ден на неделен одмор, како ресорно министерство и предлагач на законското решение, жалиме што пратениците од опозицијата не покажаа разбирање за потребите на работниците и не успеаја да го усвојат предвиденото законско решение во дадениот рок. Собраниската комисија за труд и социјална политика беше блокирана со долги процедурални забелешки од страна на опозицијата, со што членовите не го усвоија дневниот ред. Министерството за труд и социјална политика како предлагач предвиде оваа придобивка за работниците да почне да се спроведува од први октомври. Министерството за труд и социјална политика очекува по завршувањето на локалните избори ваквото законско решение, кое е во второ читање, да биде поддржано од сите пратеници во Собранието, бидејќи со него се овозможува 92 проценти од вработените да одмораат во недела“, велат за Фактор од Министерството за труд и социјала.

Прашавме и што доколку опозицијата, или пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, продолжат да го кочат и после вториот круг од локалните избори носењето на законските измени, и дали власта и Министерството за труд имаат план Б како и кога ќе се стартува со недела неработен ден, но на оваа дилема не добивме конкретен одговор. Се интересиравме и, со оглед што во законот стои дека почнува да се применува од први октомври, дали ќе има амандман си кој би се поставил нов рок кога законот би почнал да се применува. На сето ова поставено како нејаснотија, од МТСП единствено одговорија дека остануваат на определбата да се воведе недела како ден за неделен одмор.

„Конечната верзија од Законот е направена по широка и конструктивна дискусија меѓу работниците и работодавачите. Со Законот се гарантира 50 отсто повисока дневници за работа во недела и слободен ден. Што се однесува до вработените во трговските центри, нивната дневница за работа во недела ќе биде за 100 отсто повисока од вообичаената, а работното време ќе биде од 10 до 18 часот“, се вели во одговорот од МТСП.

Фактор разговараше и со претседателот на собраниската Комисија за труд и социјала, Хусни Исмаили, кој е член на опозициската партија Алтернатива, и за кого се посочуваше дека не сакал да ја стави навреме точката за законските измени на дневен ред.

Тој тврди дека не сакал да направи никаква блокада, туку едноставно не се постигнал договор меѓу најголемите политички партии за навреме да се изгласа законското решение.

„Прво предлог измените беа ставени како точка на дневен ред на Комисијата на 20 септември во понеделникот, и јас ја закажав седницата, но дојдоа да присуствуваат многу заинтересирани, односно пратеници, новинари, како и членови од Министерството за труд, по што пратениците реагираа дека не се почитуваат протоколите за заштита од ковид 19, и имаше бројни препукувања, па решив да ја презакажам седницата за утрешниот ден, вторникот, а и со цел да се ослободи салата ‘Борис Трајковски’, која е најголема и тие протоколи можат да се запазат. Исто така, ја закажав Комисијата за 9.30 часот, со цел навреме да се стигне точката тука да помине и да се стави на пленарна седница. Но, кога почна седницата, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, се јави процедурално, долго дискутираше, со барање да се стави како прва точка Информацијата за пожарот во модуларната болница во Тетово. Но, тој предлог се стави на гласање и беше одбиен. Потоа процедурално се јавија уште девет други пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, јас тоа морав да го дозволам, тие имаат право да се јават процедурално. Потоа започнаа препукувањата, почнаа дофрлања од место и на крајот сите почнаа да зборуваат истовремено, и настана еден вид ‘лудница’. Јас морав да ја прекинам седницата и да дадам пауза за да се смират страстите. Го известив за тоа и спикерот Талат Џафери и му кажав дека седницата не може да се одржи, бидејќи никој никого не слуша што зборува, на што тој ме замоли да гледам како може законското решение да помине. Но, по паузата, препукувањата станаа уште пожестоки и јас сфатив дека седницата не може да се одржи и дека работите се вон моја контрола, и ја прекинав, за што ги известив и координаторите на пратеничките групи, и спикерот“, вели за Фактор Хусни Исмаили.

За следните три дена кога се уште можеше да поминат законските измени, претседателот на Комисијата објаснува дека чекал информација „одозгора“, односно или од претседателот на Собранието, или од координаторите, дали може да се обезбедат услови за работа, за да ја закаже седницата и точката да се стави на дневен ред. Но, не добил такви насоки, а како што вели, немало ниту слободни големи сали, по што му стигнала „информација“ дека законското решение за недела неработен ден се одложува за после изборите.

Сега Исмаили вели дека мора да заврши изборниот процес, на 31 октомври, односно да помине вториот круг. Веќе од ноември, повторно ќе разговара со координаторите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се види каква е атмосферата и дали има расположение точката да помине. Треба да се обезбеди и салата „Борис Трајковски“, бидејќи таа е најголема, а со оглед на големиот интерес, само во неа, поради протоколите, ќе може да се одржи оваа Комисија.

„И јас сакам сето ова да заврши и законот да се донесе. Мое лично мислење е дека после изборите ќе стивнат страстите, работите ќе ‘легнат’ и проблемот ќе се реши. Од мене ни досега, ниту отсега, немало и нема да има никакво кочење. Иако јас припаѓам на опозициска партија, мене ми е право и должност да ја одржам седницата. Сепак, ако пратениците продолжат да блокираат и да се препукуваат, тоа не е можно. Јас можам да контактирам со координаторите, и да им укажам, како што и досега се обидував, но бадијала ќе ја закажам седницата ако продолжат блокадите. Моја надеж е дека после изборите ќе се смират страстите, и ќе се изгласа ова законско решение, кое е во корист на сите, и по мое лично мислење, треба да се изгласа“, вели Исмаили.

За тоа, пак, што во законските измени стои дека ќе важат од први октомври, Исмаили вели дека ќе мора да се направат измени во законскиот текст, но според него, тоа е трехничко прашање.

Инаку, иницијатор на измените за недела неработен ден е Сојузот на синдикатите на Македонија. Оттаму за МИА изјавиле дека суштината на социјалниот дијалог е да се почитува договореното.

„Очекуваме тоа што социјалните партнери го договориле на ниво на Економско социјален совет целосно да се почитува и да се реализира од страна на Собранието“, изјавил Дарко Димовски, прв човек на ССМ.
Но, тој истовремено потсетува дека зголемувањето на додатокот на плата за работа во недела, според ССМ , треба да изнесува најмалку 100 проценти за секој час поминат на работа во недела. ССМ уште еднаш укажува дека останува на ставот дека заради спречување на злоупотреби, потребно е денот на неделен одмор за исклучоците од став 3 од Предлог Законот за работните односи, да биде денот што му претходи, односно му следи на денот недела односно или саботата пред недела или понеделникот.Тој нагласува дека дури и пренесувањето на правото за само еден ден во наредната недела може да значи губење на правото на неделен одмор кој треба да се искористи во 7 дена од неделата.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ОВА СЕ УСЛОВИТЕ ЗА МЛАДИТЕ ЗА КРЕДИТ ЗА СТАН ВО СРБИЈА, ВУЧИЌ ГИ ОТКРИ ДЕТАЛИТЕ - до недвижност ќе можат да дојдат и студентите и невработените

ОВА СЕ УСЛОВИТЕ ЗА МЛАДИТЕ ЗА КРЕДИТ ЗА СТАН ВО СРБИЈА, ВУЧИЌ ГИ ОТКРИ ДЕТАЛИТЕ - до недвижност ќе можат да дојдат и студентите и невработените

ДАЛИ ТРЕБА ДА СЕ ЗАГРИЖАТ МАКЕДОНСКИТЕ ПЕЧАЛБАРИ - компаниите во Германија сѐ повеќе отпуштаат работници

ДАЛИ ТРЕБА ДА СЕ ЗАГРИЖАТ МАКЕДОНСКИТЕ ПЕЧАЛБАРИ - компаниите во Германија сѐ повеќе отпуштаат работници

СИТЕ ДЕТАЛИ НА ПРОГРАМАТА СТАНОВИ ЗА МЛАДИ ВО СРБИЈА: Ратата за кредит во првата година ќе биде помала од 100 евра

СИТЕ ДЕТАЛИ НА ПРОГРАМАТА СТАНОВИ ЗА МЛАДИ ВО СРБИЈА: Ратата за кредит во првата година ќе биде помала од 100 евра

Формиран Бизнис совет на Хајделберг факултет Скопје за соработка меѓу академијата и бизнис секторот

Формиран Бизнис совет на Хајделберг факултет Скопје за соработка меѓу академијата и бизнис секторот

WIZZ AIR БИ МОЖЕЛ ДА ОТВОРИ БАЗА ВО РЕГИОНОТ - еве кој аеродром е во многу напредни преговори со Унгарците

WIZZ AIR БИ МОЖЕЛ ДА ОТВОРИ БАЗА ВО РЕГИОНОТ - еве кој аеродром е во многу напредни преговори со Унгарците

ФОЛКСВАГЕН ПОСТИГНА ДОГОВОР СО СИНДИКАТОТ - божикно чудо после рекордно долги преговори, еве што е одлучено

ФОЛКСВАГЕН ПОСТИГНА ДОГОВОР СО СИНДИКАТОТ - божикно чудо после рекордно долги преговори, еве што е одлучено

СКРАТЕНА РАБОТНА НЕДЕЛA: Шпанците ќе работат по 37.5 часа

СКРАТЕНА РАБОТНА НЕДЕЛA: Шпанците ќе работат по 37.5 часа

Средба на директорите на македонската и грчката царина: Ќе работиме на нови иницијативи кои значително ќе ја забрзаат трговијата

Средба на директорите на македонската и грчката царина: Ќе работиме на нови иницијативи кои значително ќе ја забрзаат трговијата

ЗЛАТОТО ЌЕ ПОСКАПУВА: Moже ли да достигне 2.900 долари за унца?

ЗЛАТОТО ЌЕ ПОСКАПУВА: Moже ли да достигне 2.900 долари за унца?