Невработеноста во Словенија достигна до 117,143 лица
Објавено во: Балкан 07 Август, 2013
Завод за вработување во Словенија објави дека на крајот на јули, биле регистрирани 117,143 невработени лица. Регистрираната невработеност во однос на јуни е зголемена за 0,5 проценти, а во однос на јули минатата година за 9,6 проценти.
Зголемувањето на регистрираната невработеност во јули, се толкува како вообичаена појава до која доаѓа во летните месеци.
Во летниот период во Заводот за вработување се пријавуваат повеќе лица на кои им завршиле договорите за работа на определено време, како и младите лица кои завршиле со образованието.
Просечниот број на пријавените невработени лица во Словенија во првите седум месеци изнесувал 120,658, со што бил повисок за 9,7 проценти во споредба со првите седум месеци од 2012 година.
Бројот на невработени процентуално најмногу се зголемил во регионот на Љубљана (15,5 отсто), потоа Копар (14,4 отсто), Целје (10,4 отсто) и регионот на Крањ каде невработеноста се зголемила за 9,7 отсто.
Меѓу 60,701 нови пријави на невработеност во овој период, најголем број се лицата на кои им завршил договорот за работа на определено време, потоа следат лицата кои се прогласени за технолошки вишок и оние кои останале без парични средства поради стечај на компаниите.