Николиќ: Србија никогаш нема да биде подготвена да признае независност за Косово
Објавено во: Балкан 25 Јули, 2013
Србија никогаш нема да биде подготвена да ја признае косовската независност, изјави денеска српскиот претседател Томислав Николиќ. Како што пренесе Танјуг, претседателот сепак посочил дека и во иднина на Косово ќе гледа како на автономна област, а српската влада е подготвена на Приштина да и отстапи уште некои надлежности.
Ваквата изјава Николиќ ја даде во словенечкото одморалиште Брдо крај Крањ,за време на регионална претседателска средба. Тој на прашањето за иднината на односите меѓу Србија и Косово, вели дека автономијата останува.
„ Ќе разговараме, ќе се договараме, тие ќе тврдат дека се држава, ние ќе ги сметаме за автономија. Подготвени сме на Приштина да и отстапиме уште многу, но ќе треба некаде да запреме... Повеќе од тоа не можеме“, изјави Николиќ и истакна дека, во сите разговори со Европската унија, Белград инсистира Брисел да не поставува услови за признавање на Косово или спогодба за Косово да добие право да биде членка на ОН.
„Србија едноставно не може да го направи тоа и не знам која држава во светот тоа би го можела“, истакна српскиот претседател.