03 Декември, 2024
0.0261

НЛБ Нов Пензиски Фонд: како до посигурна пензија?

Објавено во: Финансии 16 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Идните пензионери кои ќе се приклучат на третиот, доброволен столб добиваат даночни поволности, вели во интервју за Фактор Петар Талески , директор на секторот за продажба во  НЛБ Пензиски фонд.  Тој објаснува дека даночните стимулации за физичките лица се остваруваат преку поврат на персоналниот данок платен на средствата кои тие ги вложиле во третиот столб, а додека кај професионалните пензиски шеми фирмите за уплатите во трет столб веднаш се ослободени од плаќање на персонален данок, социјални давачки и уплатите се дефинирани како признат расход.  Овие даночни стимулации се лимитирани за уплати до 4 просечни бруто плати во државата за претходната година по лице или вработен односно износ од околу 2 илјади евра.  Фактор: Колку членови има во приватните пензиски фондови и коку членови има во НЛБ Пензиски фонд? Талески: Согласно последните објавени податоци за состојбите во капиталното финансирано пензиско осигурување, заклучно со 30.06.2013 во задолжителните пензиски фондови има 335.319 членови, со акумулирани нето средства од 23.692 милиони денари (или приближно 385 милиони евра). Во НЛБ Пензиски фонд членуваат 159.059 членови, со акумулирани 10.971,08 милиони денари (или приближно 178 милиони евра). Фактор: Дали пензиските друштва се стабилни и дали соодносот меѓу бројот на вработените и бројот на пензионерите во Македонија има влијание врз нив? Талески: На пензиските друштва кои работат во рамките на вториот столб, соодносот на вработени и пензионери во овој момент нема никакво директно влијание. Средствата кои се акумулираат во задолжителните пензиски фондови, се евидентираат на индивидуални сметки на членовите. По пензионирањето овие средства ќе се користат за исплата на пензија. Таа е една од суштинските разлики со Фондот на ПИОМ, каде средствата кои се прибираат од тековните вработени не се акумулираат на нивни сметки, туку служат за исплата на тековните пензионери. Од таа причина тој систем се нарекува систем на меѓугенерациска солидарност, додека пак системот на вториот столб се базира на капитално финансирано пензиско осигурување, што значи индивидуална акумулација на средствата кои се инвестираат и треба да донесат одреден принос  и при достигнување на возраста за пензионирање да послужат за добивање на пензија. Фактор: Дали сите вработени мора да бидат членови во приватните пензиски Фондови? Талески: Сите лица кои за прв пат се вработуваат после 01.01.2003 година мора да бидат дел од вториот столб на пензискиот систем, со тоа што имаат можност во рок од 3 месеци по првото вработување сами да изберат фонд, во спротивно ќе станат членови онаму каде што претходно биле распределени од страна на Агенцијата (МАПАС) по случаен избор. Оние лица кои имаат стаж пред тој пресечен датум, имаат можност, но не и обврска да се зачленат во втор столб, доколку по подолг прекин сега повторно се вработат. Тие имаат право на избор во рок од 3 месеци од своето повторно вработување да изберат пензиски фонд од вториот столб, во спротивно по тој рок засекогаш остануваат членови единствено на Фондот на ПИОМ. За тие лица, при изборот е важно да ги земат предвид својата возраст како и годините на работен стаж кои до тогаш ги имаат. Фактор: Колкав процент од придонесите што ги плаќаат компаниите за работниците одат во приватните пензиски фондови? Талески Според последните законски измени од минатата година, од законски дефинираниот процент за пензиски придонес од бруто платата на вработените, кој за 2013 година изнесува 18%, во вториот столб се префрлаат 6%, а за Фондот на ПИОМ остануваат 12%. Овој процент се намалува од стартот на реформата на системот. На почетокот делот што беше наменет за вториот столб изнесуваше 7,42%. Фактор: Каде и како се инвестираат парите на вработените што се уплаќаат во приватните фондови? Талески: Средствата кои се прибираат во приватните пензиски фондови се инвестираат согласно строго дефинирани законски одредби кои дефинираат во какви финансиски инструменти смее да се инвестира, со какви ограничувања, во кои земји во странство и т.н. Друштвата носат инвестициони стратегии кои ги земаат во предвид овие законски ограничувања, како и ризиците од нивното управување и соодветно ги инвестираат средствата во депозити, обврзници, акции на домашни и странски компании и други финансиски инструменти. Фактор: Дали од оплодувањето на тие средства зависи и висината на пензијата што од тој столб ќе се исплаќа како дел од вкупната пензија? Талески: Капитализирањето на средствата, или нивното оплодување со тек на време има значајно влијание на висината на пензијата која ќе ја земаат осигуренците. Причината лежи во тоа што целата добивка која Друштвото ја остварува при инвестирањето на средствата кои се акумулираат во фондовите се распределува на членовите на фондовите, сразмерно на средствата кои ги имаат на своите сметки. Со тек на годините овој принос ќе има значително учество во вкупната состојба на сметките на членовите. Логиката на системот е во креирањето на соодветни приноси кои треба да обезбедат стабилни пензии во комбинација со акумулација на средствата на индивидуалните сметки. Системот на капитално финансираното пензиско осигурување се креира со цел да помогне во креирањето на доволна сума на средства која во иднина ќе послужи за обезбедување на пензија. Фактор: Постојат ли ризици за оние што се членови на вториот столб? Талески: При инвестирање на средства секогаш постојат ризици. Управувањето со ризиците се врши  со диверзифицирање на инвестициско портфолио. За вториот столб стратегијата е конзервативна, односно најголемо учество во таквото портфолио имаат помалку ризични финансиски инструменти, како државни обврзници и депозити во деловни банки.  Во постапка е изготвување на законска регулатива за воведување на т.н. мултифиндови каде се предлага осигурениците врз основа на возраста да можат да изберат едно од трите  портфолија: растечко, балансирано и конзервативно. Портфолијата ќе се разликуваат според ризичноста на инвестирањето, т.е. според тоа кои финансиски инструменти ќе имаат поголемо учество. Можноста за избор ќе зависи од возраста на членот. Доколку членот е помлад, ке може да бира помеѓу трите наведени портфолија. Доколку истиот е на средовечна возраст, ке може да бира помеѓу балансираното и конзервативното портфолио, и во случај да е на возраст која е блиску до пензионирање, изборот ке биде само во конзервативното портфолио. Фактор: Постои ли гаранција за парите на идните пензионери кои се членови на вториот столб? Талески: Гаранција од државата постои ако средствата на задолжителниот пензиски фонд се намалиле како резултат на кривично дело измама, кражба или проневера, а средствата на друштвото кое управува со задолжителниот пензиски фонд не се доволни за покривање на загубата. Во задолжителниот пензиски фонд ќе бидат уплатени средства во висина од 80% од износот на загубата која настанала на тој начин. Од друга страна, со строгите норми за инвестирање на средствата, како и со дефиницијата на минимална пензија и начинот на нејзино пресметување и добивање, кое е дефинирано со Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување кој ќе се применува од 1 март 2014 година, се обезбедуваат здрави темели на системот на капиталното финансирано пензиско осигурување и здрава основа за идните пензионери. Дополнителен аргумент е законската одвоеност на средствата на друштвата и фондовите, со тоа што кај фондовите постои банка чувар на имот која меѓудругото осигурува дека користењето на средствата на фондовите е согласно Закон. Фактор: Дали парите што се уплаќаат во вториот столб, може да се повлечат пред пензионирање? Талески: Ова прашање постојано е актуелно, посебно кога ги доставуваме редовните годишни известувања. Одговорот е негативен, односно членот не може да ги повлече и да ги користи средствата, пред остварување на правото на пензија. Единствена намена на овие средства е за идна пензија на осигурениците. Овие средства можат евентуално да се искористат како дел од инвалидска пензија или семејна пензија, или се предмет на наследство во случај на смрт на осигуреник кој нема членови на смејство кои остваруваат право на семејна пензија. Фактор: Како, по пензионирањето тие пари што се на личните сметки ќе може да се користат? Односно, дали може веднаш да се повлечат како цел износ или пак ќе се добиваат како дел од пензијата? Талески: Со Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување кој ќе се применува од 1 март 2014 година детално е регулиран начинот на остварување на пензија од втор и трет столб. Член на втор столб може да ги користи средствата кои ги има на индивидуалната сметка со навршување на возрасниот критериум за пензија, а тоа е 64 години за мажи, и 62 години за жени, односно ќе оствари право на пензија од втор столб истовремено со остварување на право на пензија од првиот столб. Членот избира начин на исплата на пензија од втор столб кој најмногу ќе му одговара, со избор од повеќе понудени опции : ануитети, програмирани повлекувања, како и комбинација од нив. Членовите на вториот столб нема да можат да ги повлечат еднократно средствата. Фактор: Како функционира третиот столб ? Талески: Ние бевме прво Друштво со лиценца за управување со доброволен пензиски фонд, односно први во 2009 година го формиравме доброволниот фонд НЛБ Пензија плус. Доброволниот пензиски фонд го претставува 3 столб од пензискиот систем. Тој е креиран за да овозможи граѓаните да штедат за своја пензија, дополнително од веќе постоечките задолжителни пензиски фондови. Доколку граѓаните вложуваат во трет столб, можат да си обезбедат дополнителни средства за пензија што би им овозможило да располагаат со месечни приливи по пензионирањето, со цел да можат да го задржат или барем приближно да го задржат стандардот кој го имале во периодот кога активно работеле. Препорачуваме граѓаните навреме да започнат да вложуваат во доброволен пензиски фонд и со релативно мали редовни уплати, да акумулираат значителна сума до пензионирање. Колку порано размислувате за доброволно пензиско штедење, толку повеќе време имате да акумулирате средства во доброволниот пензиски фонд. Доброволното пензиско осигурување е можно како индивидуално пензиско штедење каде  физичко лице врз основа на договор уплаќа средства од својата трансакциска сметка на индивидуалната пензиска сметка во доброволниот пензиски фонд. Исто така постои и т.н. “колективно пензиско штедење“ односно професионална пензиска шема која значи дека фирма/здружение на граѓани може да се одлучи да уплаќа доброволен пензиски придонес за сите или дел од вработените.. Фактор: Колкава е таму бројката на членови? Талески: Во третиот столб, споредено со вториот столб,  во двете друштва до 30.06.2013 година се зачленети 17.562 членови со акумулирани околу 239 милиони денари (или околу 4 милиони евра). Очекуваме оваа бројка интензивно да расте во следните години, пред се со зголемениот интерес на македонските компании да формираат професионални пензиски шеми за своите вработени (или дел од вработените). Фактор: Кои се стимулациите што ги дава државата за лицата што ќе се приклучат доброволниот пензиски фонд? Талески: Предвидени се даночни стимулации и за индивидуалното членување, како и за правните лица со пензиски шеми. За физичките лица тоа се остварува преку поврат на персоналниот данок платен на средствата кои тие ги вложиле во третиот столб во висина од 11,11% на неговата доброволна пензиска сметка. Кај професионалните пензиски шеми фирмите за уплатите во трет столб веднаш се ослободени од плаќање на персонален данок, социјални давачки и уплатите се дефинирани како признат расход.  Овие даночни стимулации се лимитирани за уплати до 4 просечни бруто плати во државата за претходната година по лице или вработен (износ од околу 2 илјади евра). Мораме да истакнеме дека овие државни стимулации успешно функционираат откако се воведени. Фактор: Колку вкупно пензионери има во Македонија и колку од нив се членови на приватните пензиски столбови? Талески: Приватните пензиски фондови во овој момент немаат активни пензионери. Неколку поединечни случаи до сега, согласно Закон се исплатени еднократно, меѓутоа првите позначајни бројки на пензионери од приватните фондови, од вториот столб, може да се очекуваат за 15-20 години. Ние располагаме со некои информации за бројот на пензионери во државата достапни преку интернет страната на Фондот на ПИОМ, кои велат дека овој број се движи околу 284 илјади пензионери, но за прецизен податок за вкупен број на пензионери во државата, ќе треба да се обратите до Фондот на ПИОМ. Фактор: Дали имате нешто актуелно за што би сакале да ја информирате јавноста? Талески: НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје во периодот од 03 до 09 Јули 2013 спроведе едукативна кампања со информации за реформата на пензискиот систем и членувањето во втор столб. Во таа насока ги повикуваме заинтересираните граѓани за сите дополнителни информации да се информираат директно во НЛБ НПФ, да ја користат нашата интернет страна www.nlbnpf.com.mk и континуирано да се информираат за новостите во системот. Втора актуелност е можноста која им е дадена на вработените со бенифициран стаж во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, казнено-поправните домови и воспитно-поправните установи, кои  станале членови на задолжителен пензиски фонд и кои се стекнале со бенифициран стаж пред (09.08.2012) да можат до 09.08.2013 година да поднесат барање до Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС)  за поништување на нивната регистрација како членови на задолжителен пензиски фонд и нивните средства од вториот столб да се префралат во Фондот за ПИОМ. Детали за овој процес исто така се достапни на нашата интернет страна.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ВИСОКА КАЗНА ЗА ГОЛЕМАТА АМЕРИКАНСКА БАНКА - JPMorgan треба да плати скоро 2 милиони долари за „недолично однесување“

ВИСОКА КАЗНА ЗА ГОЛЕМАТА АМЕРИКАНСКА БАНКА - JPMorgan треба да плати скоро 2 милиони долари за „недолично однесување“

НЛБ Банка транспарентно објави! Колкава награда годишно ќе добива надворешен (т.е. независен) член на Надзорен одбор?

НЛБ Банка транспарентно објави! Колкава награда годишно ќе добива надворешен (т.е. независен) член на Надзорен одбор?

„ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ОТКРИВААТ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ“: Народна банка предупредува „зачестија измамите со уплата на средства“

„ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ОТКРИВААТ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ“: Народна банка предупредува „зачестија измамите со уплата на средства“

МЛАДИТЕ НЕ МОЖАТ ВЕДНАШ ДА СОБЕРАТ 20.000 ЕВРА, МОРА ДА ГО НАМАЛИМЕ УЧЕСТВОТО ШТО ГО БАРААТ БАНКИТЕ - Вучиќ најавува субвенционирање на станбените кредити

МЛАДИТЕ НЕ МОЖАТ ВЕДНАШ ДА СОБЕРАТ 20.000 ЕВРА, МОРА ДА ГО НАМАЛИМЕ УЧЕСТВОТО ШТО ГО БАРААТ БАНКИТЕ - Вучиќ најавува субвенционирање на станбените кредити

ЌЕ ИМА И БЛОКИРАЊЕ НА ТРАНСАКЦИСКИТЕ СМЕТКИ - УЈП повикува 1.198 даночни обврзници да платат долг за ДДВ од 12,3 милиони евра

ЌЕ ИМА И БЛОКИРАЊЕ НА ТРАНСАКЦИСКИТЕ СМЕТКИ - УЈП повикува 1.198 даночни обврзници да платат долг за ДДВ од 12,3 милиони евра

ПЛАТИ 6 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА УМЕТНИЧКА БАНАНА: На крај ја изеде

ПЛАТИ 6 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА УМЕТНИЧКА БАНАНА: На крај ја изеде

ОВА ВО ЗИМА НЕНОРМАЛНО ЈА КАЧУВА СМЕТКАТА ЗА СТРУЈА: Никој не е ни свесен дека поради ова месечно се губат многу пари

ОВА ВО ЗИМА НЕНОРМАЛНО ЈА КАЧУВА СМЕТКАТА ЗА СТРУЈА: Никој не е ни свесен дека поради ова месечно се губат многу пари

ОВА СЕ НАЈЕВТИНИТЕ ГРАДОВИ ЗА НОВА ГОДИНА! За малку пари можете да уживате во целата магија на божиќните пазари

ОВА СЕ НАЈЕВТИНИТЕ ГРАДОВИ ЗА НОВА ГОДИНА! За малку пари можете да уживате во целата магија на божиќните пазари

ЕВЕ ГИ ЦЕНИТЕ ЗА СКИЈАЊЕ НА ПОПОВА ШАПКА: Промотивната цена важи уште денес!

ЕВЕ ГИ ЦЕНИТЕ ЗА СКИЈАЊЕ НА ПОПОВА ШАПКА: Промотивната цена важи уште денес!