НОВИ СЛУЧАИ НА КОРОНАВИРУСОТ: Проверете дали во вашиот град има инфицирани
Објавено во: Македонија 13 Јануари, 2025
Во државата има шест нови случаи на Ковид-19 и постои ризик од раст на активноста на вирусот.
Тие се евидентирани од 6-ти до 12-ти јануари. По два случаи се регистрирани во Куманово и во Струмица, по еден во Скопје и во Кичево, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Пет лица од новите случаи се на возраст над 60 години. Еден случај е регистриран од возрасната група од 40 до 49 години. Во 2025 година, а заклучно со 12 јануари, регистрирани се вкупно 11 заболени.
Од ИЈЗ додаваат дека ниската стапка на трансмисија на Сарс-ков-2, намаленото известување и малиот број на примероци за тестирање преку сентинел системите, имаат влијание врз способноста за прецизно да се процени епидемиолошката ситуација.
„Се препорачува следење на основните мерки за превенција на Ковид-19 и останати респираторни заразни заболувања. Вакцинацијата останува специфична превентивна мерка, обезбедувајќи заштита од тешки форми на болест, иако овој заштитен ефект со тек на време се намалува. Продолжува препораката за вакцинацијата на лицата со висок ризик од тешки форми на болест и лош исход – како што се повозрасните лица“, велат од Институтот.
Во 2019 година вирусот се појави во Кина, а потоа се прошири во целиот свет.
foto freepik.com