РЕВИЗОРИТЕ БАРААТ УСТАВНА НЕЗАВИСНОСТ – најавуваат засилени контроли, фокусот годинава ќе бидат локалните избори
Објавено во: Македонија 14 Јануари, 2025
Над 70 ревизии најавуваат државните ревизори за тековната 2025 година, а во фокусот на нивното внимание ќе бидат локалните избори и изборот на градоначалници и советници во општините.
- ДЗР во 2025 година планира да изврши најмалку 74 ревизии, кои ќе бидат предмет на континуирана преоценка во зависност од потребите и јавниот интерес. Преоценката ќе се фокусира на организирање и спроведување на локалните избори во текот на 2025 година, кои ќе се однесуваат на изборите за градоначалници на општините и Град Скопје, како и изборот на членови на советите на општините и Советот на Град Скопје – се нагласува во годишната програма на Државниот завод за ревизија доставена во Собранието.
Ревизорите укажуваат дека приоритет и во наредниот период ќе им биде ефективно завршување на постапката на регулирање на уставноста на ДЗР и зајакнување на финансиската и оперативна независност на ДЗР, како и воспоставување на редовен и ефективен механизам за разгледување на ревизорските извештаи во Собранието на Република Северна Македонија по примерот на европските земји.
- Заради постигнување на уставна независност и зајакнување на финансиската и оперативна независност на ДЗР, се очекува во наредниот период иницирање на постапка на усвојување на уставните амандмани, изготвени во рамки “Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“ од 2022 година. Предлог текстот на амандманите е доставен до Министерството за правда и Собранието, а се очекува иницијатива за внесување на ДЗР во Уставот. Во 2025 година, фокусот ќе биде на завршување на постапката за донесување на новиот предлог Закон за државната ревизија, кој предвидува зајакнување на независноста на ДЗР и подобрување на механизмите за разгледување на ревизорските извештаи во Собранието, согласно европските практики – се нагласува во планот.
Воедно ревизорите укажуваат дека тековната година ќе се спроведат активности за реализација на стратешките цели и потцели утврдени во Стратегијата за развој на Државниот завод за ревизија 2023 – 2027 година.
Во Државниот завод за ревизија, согласно доставениот план вработени се 125 лица, распоредени во 13 сектори и две одделенија.
- ДЗР во 2025 година ќе преземе активности за зајакнување на ресурсите за спроведување на ревизиите, преку имплементација на дадените препораки од Извештајот за Северна Македонија за 2024 година на Европската Комисија, спроведување на Стратегијата за управување со човечките ресурси 2024-202, како и преземените активности за зајакнување на човечките ресурси преку планирани вертикални поместувања на вработените – се нагласува во планот.
Ревизорите во планот посочуваат дека согласно буџетските планови оваа година нивните расходи ќе достигнат 204.627 илјади денари, наменети за финансирање на активностите за работа на ДЗР за 2025 година.
- Во структурата на расходите најголемо учество имаат расходите за плати и надоместоци на вработените со 81,67 отсто, по што следуваат расходите за стоки и услуги со учество од 15,59 проценти, капиталните расходи со 2,49 отсто и расходите за субвенции и трансфери со 0,25 проценти.Анализирајќи ги податоците за висината на утврдените средства за ДЗР за 2025 година споредено со податоците на утврдените средства за ДЗР во 2019 година се забележува раст од 196,4 отсто, што е поволно и претставува основ за понатамошен развој на ДЗР и вреднување на трудот на вработените во ДЗР како основен предуслов за задржување на човечките ресурси во ДЗР. Но доколку се фокусираме на структурата на одобрените средства за непречена работа на ДЗР за 2025 година постојат одредени предизвици во делот на потребните средства за набавка на опрема како и во делот на набавка на теренски возила во функција на ревизорските активности – заклучуваат ревизорите.
Ваквите бројки укажуваат дека ревизорите имаат од што да бидат задоволни. Грубите пресметки покажуваат дека бруто платите на вработените во ДРЗ се движат околу 1.700 евра по лице. Ова е сумата која се добива ако се подели планирата сума за плати и надоместоци со вкупниот број на вработени наведен во планот и на месечно ниво. Но, сосема очекувано е дека дел од вработените имаат повисоки, а дел пониски примања, согласно организираноста во оваа институција.
П.О.