Од Кабинетот на Еди Рама објаснија зошто фотографија од Македонија беше означена како место во Албанија
Објавено во: Македонија 29 Септември, 2020
Фотографијата од водопадот во Македонија, веќе е тргната од фан страницата на албанскиот премиер, Еди Рама.
Од македонската Влада реагирале и побарале да се направи корекција, но и да се даде објаснување.
Oткако албанскиот премиер Еди Рама објави фотографија од планински водопад со хаштаг „прекрасна Албанија“ и „Кањон Лешница“, по што имаше многу реакции, од неговиот Кабинет за МИА информираа дека во јужниот дел на Албанија исто така постои село со истото име и дека фотографијата по грешка е објавена дека е од Албанија.
Имено, од Кабинетот се заблагодарија на сите следбеници коишто им посочиле дека тоа прекрасно место е во Македонија.
„Исто така постои село во јужна Албанија со истото име и сликата по грешка беше означена дека е од Албанија. Им се заблагодаруваме на сите следбеници коишто ни посочија дека ова прекрасно место е во Македонија“, наведоа од Кабинетот на Рама за МИА.
Претходно денеска, планинари од Тетово ја алармираа јавноста и министерствата дека фотографија од втората када на Кривошијска река во месноста Лешница на Шар Планина се претствува дека е дел од Албанија на објава на Фејсбук профилот на албанскиот премиер Еди Рама.
Тој објавил фотографија од планински водопад со хаштаг „прекрасна Албанија“ и „Кањон Лешница“ (#BeautifulAlbania, #KanioniLeshnicës).
Имаше околу 400 коментари во кои се забележува дека Рама убавина на Македонија ја прикажува како убавина во неговата земја.