ОД КАДЕ СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ПРИЛИВИ ВО БУЏЕТОТ?! Државата повторно планира раст на парите од даноци
Објавено во: Финансии 20 Ноември, 2023
Најважниот документ за трошењето на власта за следната година стигна пред пратениците. Планот го изработува Министерството за финансии, и во него се дадени деталите за трошење на државните пари. Тој е во Собрание, каде следниве денови ќе го разгледуваат пратениците, по што ќе треба да се изјаснат за ставките во него.
Како што пишува во документот, вкупните приходи на Буџетот на Македонија за 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари, или 5 милијарди и 42 милиони евра. Тие се за 10 проценти повисоки во однос на 2023 година. Од друга страна, како што е наведено во документот доставен до пратениците, но и како што најавија владините претставници, расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари, или 5,5 милијарди евра, и тие се всушност 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година.
Приходите како што кажа премиерот опфаќаат 31,6 проценти од бруто-домашниот производ, додека пак расходите опфаќаат 35 отсто од БДП.
Документот открива дека најголем прилив во државниот буџет повторно се очекува од даночните приходи, од кои се очекува да се соберат 178,066 милиони денари, или речиси 2,9 милјарди евра.
Во даночните приходи најголем удел има данокот на личен доход, од кој во државната каса треба да влезат високи 31,1 милијарди денари, или речиси 506 милиони евра. Преку данокот на добивка во касата ќе влезат 19,5 милијарди денари или 316 милиони евра.
Но, многу повеќе пари ќе се соберат од популарниот данок на додадена вредност (ДДВ), 80,7 милијарди денари или околу 1,3 милијарди евра. Солидна сума се очекува да се собере и од акцизите, од нив власта следната година очекува прилив во државната каса во висина од 31 милијарда денари или скоро 504 милиони евра.
Убедливо висок приход во текот на следната година треба да се собере преку придонесите, кои достигнуваат 100,9 милијарди денари или 1,6 милијарди евра, а од нив најмногу пари се влеваат по основ пензиско осигурување и тие достигнуваат 70 милијарди денари или 1,1 милијарди евра.
Во Законот се
посочува оти вкупните даночни приходи, кои ги опфаќаат приходите од данок на добивка, данок на личен доход, на додадена вредност,
акцизи, увозни давачки и други даночни приходи и сопствени приходи на
буџетските корисници, за 2024 година се проектирани во износ од
178,1 милијарди денари, што е за околу 10 проценти над износот на приходи
планиран за 2023 година.
- Даночните приходи учествуваат со 57,4 проценти во структурата на вкупни приходи на Централно ниво за 2024 година. Во Буџетот за 2024 година, проектирано е повисоко ниво на остварување кај сите видови на даноци споредено за 2023 година – се појаснува во предлог законот за буџет.
ПОВЕЌЕ ПАРИ ОД ДАНОКОТ НА ЛИЧЕН ДОХОД
Проектираниот раст на даночните приходи се должи на зголемувањето на даночната основа кај одредени видови даноци, финалната потрошувачка, пораст на бројот на вработени и на просечната плата, очекувањата за зголемена профитна позиција на компаниите и подобрена наплата на даночните приходи како резултат на мерките за намалување на неформалната економија.
- Најголем пораст е планиран кај приходите од данокот на личен доход, 12,6 отсто пораст во однос на 2023 година. Очекуваниот раст е базиран на зголемување на даночната основа по основ на доход од работен однос и од доход за повремено и привремено вршење на услуги, пораст на платите во јавниот сектор, раст на приходите од данокот на доход од капитал, како и зголемен број на даночни обврзници во системот - се потенцира во документот.
Во Буџетот за 2024 година планирано е околу 20,4 милијарди денари (332 милиони евра) да се остварат врз основа на неданочни приходи (административни такси, концесии и други неданочни приходи). Додека 3,2 милијарди денари (52 милиони евра) од капитални приходи по основ на продажба на земјоделско земјиште и општествени станови, како и по основ на планирана дивиденда од АД Македонски Телеком, пишува во предлог буџетот.
РАСТАТ ТРОШОЦИТЕ ЗА ПЛАТИ И ПЕНЗИИ, НО И ЗА КАНЦЕЛАРИСКА ОПРЕМА
Што покажува расходната страна од Буџетот. Како што беше објавено од надлежните, расходите следната година треба да достигна 343,6 милијарди денари или 5,5 милијарди евра. Оваа сума е за 5,8 проценти повисока во однос на 2023 година, или поточно 18,8 милијарди денари или 306 милиони евра.
Притоа тековните расходи достигнуваа 298,6 милијарди денари или 4,8 милијарди евра. Што се однесува пак до платите кои ги обезбедува државата, односно платите во јавниот сектор, планот е да се потрошат 41,1 милијарда денари што е всушност околу 670 милиони евра. Само за плати следната година се планираат 6,2 милијарди денари (102 милиони евра) повеќе од минатата година, или раст од 18 проценти.
Дури и трошоците за набавка на стоки и услуги ќе се зголемат следната година. Вкупно за оваа ставка министерството предвидело 25,2 милијарди денари или поточно 411 милиони евра. Ова е за 1,6 милијарди денари (27 милиони евра) повеќе од минатата година, што во процент достигнува 6,9 отсто раст.
Вообичаено една од поголемите ставки на расходната страна на државната сметка се социјалните трансфери кои ги опфаќаат пензиите, здравствената заштита, надоместоци за невработени, мерки за вработување.... за кои вкупно се планираат 161,1 милијарда денари или 2,6 милијарди евра. За оваа ставка се планираат 16,1 милијарди денари (262 милиони евра) повеќе отколку што биле потрошени минатата година.
Притоа очекувано пензиите опфаќаат најголем дел, планот е за нив следната година да се потрошат 83,6 милијарди денари или 1,3 милијарда евра. Тоа е всушност за 8,6 милијарди денари повеќе отколку минатата година.
Согласно најавите следната година во капитални инвестиции треба да бидат вложени околу 733 милиони евра
- Капиталните расходи се планирани на ниво од 45,1 милијарди денари, за финансирање на инвестициите при што се обезбедуваат средства од повеќе извори и тоа: буџетски средства, ИПА фондови и заеми – пишува во Предлог законот.
ОПШТИНИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ ПОВЕЌЕ ПАРИ
Трансфери до ЕЛС (општините) се планирани во износ од 29,8 милијарди денари или 485 милиони евра наменети за финансирање на пренесените надлежности на општините и дотација до општините.
- Во 2024 година, по основ на планирано зголемување на процентот на приходите од ДДВ кои се распределуваат на општините од 4,5 отсто на 6 проценти од наплатениот ДДВ во претходната година, обезбеден е пораст на општата дотација кон општините за 787 милиони денари во споредба со 2023 година, а со цел зголемување на фискалниот капацитет на општините – се наведува во предлог буџетот.
Притоа се појаснува дека општините овие финансии ќе ги добијат во три дела - основен дел (4,5 отсто), дел за перформанси (0,75 отсто) и дел за вооедначување (0,75 отсто). Делот за перформанси ги наградува општините што имаат подобра реализација на сопствени приходи во споредба со планираните сопствени приходи и повисока наплата на сопствени приходи во тековната година во споредба со просекот од реализираните сопствени приходи во претходните три години. Делот за воедначување е наменет за надминување на разликите согласно фискалниот капацитет на општините поради ограничен капацитет на ресурси, односно општините коишто имаат пониски приходи од данокот на личен доход по жител добиваат дополнителни средства.
ЗАДОЛЖЕНОСТА ЌЕ ПОРАСНЕ
Државниот долг на Република Северна Македонија на 30.9.2023 година изнесува 6.936,4 милиони евра, односно 48,2 отсто од БДП, додека јавниот долг на 30.9.2023 година изнесува 8.032,6 милиони евра, односно 55,8 проценти од БДП.
- Согласно со Стратегијата за управување со јавен долг на Република Северна Македонија за 2024-2026 (со изгледи до 2028 година), државниот долг на крајот на 2024 година ќе забележи благо зголемување и ќе изнесува 53,4 отсто, додека јавниот долг се очекува да биде 63,2 проценти – пишува во предлог буџетот.
Петранка Огнаноска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.