Од лупење по нозете, до опаѓање на косата, Ковид-19 доведува до голем број здравствени проблеми кај излекуваните пациенти: Разговор со д-р. Нико Беќаровски

Објавено во: Македонија 03 Декември, 2020 07:38
Иако е премногу
рано и засега нема цврсти научни објаснувања, сепак, постојат инцидентни случаи
на пациенти кои пред неколку месеци се излекувале од корона вирусот, сега да се
соочуваат со други здравствени проблеми, вели во разговор за Фактор, професор
д-р. Нико Беќаровски, интернист-клинички токсилог од Клиниката за
токсикологија.
Тој појаснува дека предолгиот стрес, стравовите кои пациентите ги доживуваат за време на лекувањето од Ковид-19, посебно во болнички услови, каде што гледаат една многу поинаква слика и одблиску се соочуваат со цела таа борба да се победи болеста, може да доведат до низа други заболувања.
-Навистина е смело, но и премногу рано да тврдиме дека агресивната терапија која им се дава на пациентите со цел да им се спаси животот е директно поврзана со проблемите кои сега ги имаат. Но, веќе има случаи на пациенти кои успешно биле излекувани од корона вирусот сега да имаат и срцеви проблеми, некои имаат и мозочни удари, кај други се јавува дијабетес, иако претходно немале, кај дел од нив се јавуваат бубрежни заболувања. Сум видел и пациенти кај кои се јавува чудно и необјасниво лупење на нозете, се засилува псоријазата, сето ова се случува во тој пост-ковид период, посочува во нашиот разговор проф.д-р. Беќаровски.
Дополнително, како што вели тој, некои пациенти пак, имаат и опаѓање на косата, и како што истакнува, тоа е можно поради претрпениот страв и долотраен стрес на организмот, но сепак за ваквите пост-ковидни појави се уште нема научни објаснувања.
-Најдобро ќе беше да водевме од почетокот еден регистар на заразените, на овие 60-тина илјади, да видевме кој како е конкретно лекуван, каква терапија му е давана, какви последици има сега. Така е многу полесно да се направи една сеопфатна анализа што се може да предизвика Ковид-19 и кај излекуваните пациенти, оние кои успешно се изборија со самата болест, но што им се случува сега, посочува токсикологот Беќаровски.
Инаку, како што вели, од појавата на Ковид-19 до сега постојат две докажани мутации, едната шпанска, а другата данска мутација.
-Вирусите се познати по нивните мутации. Ние клиничарите тоа сега го констатираме и со корона вирусот. Доказ се различните рентген снимки на белодробието кај пациентите. На почетокот стануваше збор за „слика како стакло“, така ја нарекувавем, а сега има топчести формации на белите дробови каде што е присутна инфекцијата со Ковид-19. Во секој случај, ова е доказ дека вирусот сака што подолго да опстои и заради тоа мутира, вели тој.
Што се однесува до нивната работа на Клиниката за токсикологија, д-р. Беќаровски посочува дека иако не се ковид-центар, секојдневно се соочуваат со огромен број суспектни пациенти, бидејќи Клиниката е тријажен центар од каде понатаму, оние кои се заболени ги праќаат на хоспитализација во другите болнички установи.
-Секој ден најмалку по еден до двајца од персоналот заболуваат од вирусот. Ние всушност како тријажен центар имаме огромен број пациенти, па во целата таа трка да се види кој пациент каде треба да се смести, претходно да се прегледа, да се направат сите анализи, во даден момент и мало невнимание може да доведе до инфекција со корона вирусот. Немаме премногу персонал, но ги вложуваме сите напори за да успееме да ја надминеме оваа кризна состојба.
Тоа што забележува на крајот од нашиот разговор е дека веќе на големо почнуваат да се издаваат станови и куќи за прослава на новогодишните и божикните празници, заради што вели дека во претстојниот период треба граѓаните да бидат посебно внимателни и одговорни. Оваа болест, како што истакнува д-р. Беќаровски, прави сериозни компликации и кај младите и кај возрасните.
-Никој не може и пред се не смее да каже „мене нема да ми се случи“, последиците може да бидат фатални, посочува д-р. Беќаровски во разговорот за Фактор.
Анита Буховски
Можеби ќе ве интересира
ФИЛИПЧЕ: Секој од нас во себе има сила да придонесе да ја направи оваа земја подобра

ГАШИ ГО ЧЕСТИТА ВЕЛИГДЕН: Нашата должност е заеднички да градиме мостови на разбирање

СЕМЕЈСТВОТО Е МНОГУ БЛАГОДАРНО: Директорката на болницата од Италија дојде во Штип да го види пациентот

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА: Најискрено се надевам дека Велигден ќе ни донесе утеха, добра мисла и оптимизам

МИЦКОСКИ: Нека светлината на Воскресението биде водилка во нашите заеднички напори за изградба на праведно и хумано општество

ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА Е ВО ЧИКАГО: Нека овој наш најголем христијански празник ни донесе мир

(ГАЛЕРИЈА) ОБЈАВЕНА Е ВЕСТА ЗА ХРИСТОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ: Еве каква беше атмосферата синоќа во Соборниот храм во Скопје

ДЕНЕСКА Е ВЕЛИГДЕН, ПОМЛАДИТЕ ОДАТ НА ГОСТИ КАЈ ПОСТАРИТЕ: Кои се другите обичаи?

НА ТРПЕЗАТА ИМА ТАЗЕ ВЕЛИГДЕНСКИ ЈАЈЦА: Што да се направи со ланското јајце кое прво е вапцано?
