Одби ли „Макпетрол“ непристојна понуда?
Објавено во: Економија 23 Декември, 2022
Дали некој се обиде на „Макпетрол“ да му наметне непристојна понуда од типот „гасот ќе го купиш од наши луѓе по добра цена“? „Батали го „Гаспром“, он више не е у игра“...
„Плавото гориво“ е неопходно за да работи ТЕ-ТО најголемиот генератор што произведува топлинска енергија и струја за потребите на Скопје. А природниот гас е неопходен и за повеќе домашни големи индустриски капацитети кои се големи производители, а некои од нив и значајни извозници. Секако тука се и топланите кои во овие студени денови се неопходни за снабдување на Скопје со топлинска енергија.
„Макпетрол“ во своето вчерашно соопштение децидно се изјасни дека од 1 јануари идната година нема да увезува ниту да снабдува гас за своите клиенти. Во своето стручно објаснување наведе дека не се донесени неопходните подзаконски акти без кои новиот интерконективен билатерален договор меѓу ГА-МА и Булгартрансгаз е неприменлив.
Во своето соопштение „Макпетрол“ не пропушти да каже дека 5 години наназад надлежните државни органи не сертифицирале државна фирма која треба да биде национален оператор за пренос на природен гас кој пак мора да ги донесе тие неоходни подзаконски акти. И со таа реченица „им влепи шамар“ на Регулаторната комисија за енергетика и на министерствата за економија и за транспорт и врски (второто е надлежно за целата преносна инфраструктура).
Синоќа на една приватна национална телевизија настапи, видно вознемирен, министерот Крешник Бектеши кој најблаго речено не беше пријателски настроен и отворено го критикуваше потегот на „Макпетрол“. И при тоа истакна цитираме: „Макпетрол веќе 21 година го има монополот за снабдување со гас во државата, но заврши времето на монополи, ние се заглагаме за либерализација на пазарот, вклучително и пазарот на природен гас.“
Што го вознемири Бектеши?
Да одиме по ред. Ако приватна фирма која работи на организиран пазар или на отворен пазар се откаже од снабдувањето клиенти тоа значи дека таа фирма свесно се откажува од свои идни приходи. Но од друга страна во нормални околности тоа значи дека други конкурентни фирми на пазарот ќе ја надополнат празнината односно ќе го превземат пазарното учество на „Макпетрол“. Дали вознемиреноста на Бектеши значи дека околностите под кои „Макпетрол“ го напушта пазарот на гас не се нормални и вообичаени.
Токму заради тоа зачудува нервозата и бесот што Бектеши го истури врз „Макпетрол“. Пологично ќе беше веќе кога се испофали дека го либерализирал пазарот на природен гас да поентира и да се радува со тоа што „Макпетрол“ веќе нема да биде монопол. И во такви случаи би следела секвенцата : пазарната конкуренција донесе пониски цени на природниот гас...
Но не делуваше така, туку напротив. А при тоа не објасни ниту пак даде коментар за наводите кои ги изнесе „Макпетрол“ за неподготвеноста на пазарот на природен гас за примената на новиот интерконективен договор меѓу ГА-МА и бугарскиот гасен преносен оператор „Булгартрансгаз“.
Општиот впечаток на јавноста е целосна неизвесност и страв за редовно, навремено и квалитетно снабдување со природен гас на нашиот „либерализиран“ пазар.
Затоа што Бектеши иако кажа дека го либерализирал пазарот не кажа со сигурност која или кои компании ќе го заменат „Макпетрол“ кој сега држи над 70 отсто од потребите за снадбување со гас.Р.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.