Одземена е една зграда на македонските гимназијалци од Тетово за да биде Катастар
Објавено во: Македонија 26 Август, 2022
Една од двете реновирани згради на старото медицинско училиште во Тетово во кое настава на македонски јазик следат тетовските гимназијалци е одземена со одлука донесена на 20 јули оваа година на Владата за да биде Катастар, објави СДК.
Одлуката е потпишана од првиот вицепремиер Артан Груби со што се одзема една зграда од тетовската гимназија во која учат учениците од македонска настава и објектот му се доделува на тетовскиот Катастар.
Ако се реализира оваа одлука , односно ако им се одземе едната зграда, тогаш околу 80 ученици ќе останат без можност за натамошно школување во гимназијата, бидејќи ќе нема каде да ја следат наставата.
Ова според тетовскиот градоначалник Билал Касами е одмазда на ДУИ, но и на СДСМ за претрпениот пораз на последните избори за Совет на општина Тетово. Откако двете згради на старото медицинско училиште беа внатрешно реновирани, изминативе две години наставата на македонски јазик се одвива тука.
„Оваа одлука е злонамерна тенденција на Груби да им наштети на тетовските средношколци и да создава непотребни проблеми директно страдаат учениците, оневозможувајќи да имаат основни услови за образување“, изјави градоначалникот Касами на денешната прес-конференција.