„Кој има две блузи, нека даде една на оној што нема ниедна“: Празнична солидарност на дело - Велешани со пример за цела Македонија
Објавено во: Македонија 17 Декември, 2025 14:56
Предновогодишна солидарност: Сè повеќе хуманитарни акции низ земјава, убав пример пристигнува од Велес
Во пресрет на новогодишните празници, духот на солидарност и меѓусебна грижа сè почесто се претвора во конкретни хуманитарни дела. Низ повеќе градови во земјава се организираат акции насочени кон помош на социјално загрозените категории, а еден ваков позитивен пример доаѓа и од Велес.
Локална пиљара во овој град покажа дека хуманоста не бара големи ресурси, туку искрена желба да се помогне. Свесни дека има луѓе кои во текот на денот не можат да си обезбедат оброк, а во овие студени зимски денови и соодветна топла облека, од овој мал бизнис решија да преземат иницијатива со големо значење, објави Женски магазин.
Пред нивниот локал поставија пано со закачалки, каде граѓаните можат да остават топла зимска облека, како и ќеси со прехранбени продукти кои на поединци би им обезбедиле оброк во текот на денот. Акцијата е отворена за сите – и за оние кои можат да донираат, но и за оние на кои помошта навистина им е потребна.
„Хуманитарна акција – закачалка на добрината, под мотото: „Кој има две блузи, нека даде една на оној што нема ниедна; и кој има храна, нека постапи исто така“. Апелираме сите оние кои немаат и навистина им е потребно да се послужат од истата. Да ги направиме празниците убави за сите“, порачаа од локалната пиљара.
Иницијативата наиде на голем одѕив и позитивни реакции на социјалните мрежи. Корисниците на Фејсбук ја поздравија идејата, истакнувајќи ја нејзината хуманост и примерот што го дава за целата заедница.
„Браво деца, само така“, „Големо, хумано срце. Браво. Нека продолжи за пример“, „Браво за идејата“, се дел од коментарите под објавата.
Во време кога празниците често се поврзуваат со потрошувачка и изобилство, ваквите иницијативи потсетуваат дека вистинската вредност на Новата година и Божиќ е во солидарноста, емпатијата и споделувањето со оние на кои тоа им е најпотребно.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Фејсбук
Можеби ќе ве интересира
Наводите за привилегии за тендерите се неточни, велат од Владата по обвинувањата за давање милионски тендери
ДСЗИ бара комисија за стручен надзор - таа ќе утврдува дали има пропусти во третманот и лекувањето на бебето
Кузеска: Фирма со тројца вработени за два месеци добила тендери од 1,2 милиони евра
Воздухот и понатаму е загаден, ама барем сега имаме подобар сајт да го гледаме
„Дали институциите ќе реагираат навреме или ќе чекаат трагедија“: Левица со остра реакција за „Зимзоленд“ и за новиот директор на Зоолошка градина
ДКСК: 35 поранешни и 19 новоизбрани градоначалници не ја пријавиле имотната состојба
Љупчо Пецов Ѓаволот пуштен во домашен притвор по апсењето на Стафа, имал нарушено здравје
ВИДЕО: Лути патници пцуеле и навредувале возач на ЈСП, затоа што автобусот го чекале еден час и се расипал
МВР со пријава против транспортери од Тетово, сакале да превезуваат ученици со измама




