ОТКАКО ШОЛЦ СЕ СЛУШНА СО РУСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ: Зеленски вели дека на Путин му одговара да ја ослаби изолацијата
Објавено во: Свет 15 Ноември, 2024
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски сака рускиот лидер Владимир Путин да остане изолиран.
Како што пренесуваат германските медиуми, Зеленски уште пред разговорот со Путин го предупредил германскиот канцелар Олаф Шолц дека оваа средба може да му помогне на рускиот претседател да излезе од меѓународната изолација и да продолжи со воените операции против Украина.
„Сега ќе има други разговори, други повици. Само многу зборови. А токму тоа го сака Путин долго време: за него е исклучително важно да ја ослаби својата изолација“, изјави Зеленски во вечерното обраќање, објави Киев Индипендент.
Шолц денеска телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина, првпат во последните две години, соопшти германската Влада.
Полскиот премиер Доналд Туск го поздрави она што германскиот канцелар му го кажал на Путин во денешниот телефонски разговор дека ништо не може да биде решено во врска со Украина без учество на земјата разурната во војната. Вели дека Шолц ја потврдил полската позиција.