Палмер: САД ќе направи се да ја убеди ЕУ да го смени ставот
Објавено во: Македонија 04 Ноември, 2019
Американскиот заменик помошник државен секретар и специјален претставник за Западен Балкан Метју Палмер изјави денеска во Белград дека одложувањето на почетокот на разговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија е историска грешка и лоша порака за целиот регион, јавуваат српските медиуми.
Палмер по средбата со Вучиќ рече дека САД сакаат Западен Балкан да има европска перспектива и ќе стори сé за да ја убеди ЕУ да го промени тој став пред состанокот на лидерите на Унијата во Загреб следниот мај.
Тој рече дека имал можност денес да разговара со Вучиќ за политичката состојба не само во Србија, туку и во целиот регион, за која рече дека е особено важна откако ЕУ не успеа да најде компромис во отворањето на разговорите за членство со Северна Македонија и Албанија во ЕУ.
„САД сакаат Западен Балкан да има европска перспектива и ние ќе направиме се што можеме да ја убедиме ЕУ да го промени ставот пред состанокот на европските лидери во Загреб“, изјави Палмер на денешната зедничка прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград.