Славјанка Петровска, министерката за одбрана, во емисијата „Приказна“ на Македонската радио телевизија денеска изјави дека им благодари на добронамерните критичари на нејзиниот изглед и додаде дека негативните забелешки никогаш не ја поколебале да продолжи да работи.
„Јас бев предмет на напади и тоа во голем дел беа лични напади врз основа на мојот изглед, начинот на облекување. Тие веројатно имаа една единствена цел – а, тоа беше да ме демотивираат да продолжам по патот по кој сум започнала да одам. Како што гледате и после осум месеци од почетокот на тие напади, јас сè уште сум на истата позиција и не се колебам што сум тука. Им благодарам на сите добронамерни критичари и јавно и приватно кои ми даваат сугестии не само во поглед на моето однесување и облекување, меѓутоа и во поглед на работата, затоа што целта на секој од нас е да се стремиме да бидеме подобри во тоа што го работиме, а секогаш за добрите критики има доволно простор. Но, нападите ми беа изненадување затоа што на оваа позиција, очекував дека ќе дискутираме за критиките за начинот на кој што раководам со Министерството, за политиките кои ги водам и процесите кои се одвиваат, а не за нешто што јас лично го сметам за споредно“, вели Петровска.
Според министерката, денешните професии не треба да се делат на машки и на женски, бидејќи жените ги има во секоја професија. Додава дека жените не се само квота и бројка во општеството, туку дека даваат реални и квалитетни резултати и можат да извршуваат највисоки функции како премиерската и претседателската.