ПИШИ БРИШИ: Кој ќе го снема од избирачкиот список?
Објавено во: Финансии 14 Август, 2018
Лица кои се починати се бришат од Избирачките списоци од неколку скопски општини.
Како што информираше МИА вкупно 59 лица од општините Кисела Вода, Студеничани, Сопиште и Зелениково за кои до ДИК се поднесени изводи од умрените ќе се избришаат од списокот.
Можност за бришење од ИС има и по основ на државјанство, но засега по овој основ нема ниедно поднесено барање во канцелариите на ДИК, а она што се посочува е и дека секој граѓанин може да оди во подрачните канцеларии на Комисијата и со уверение од матичната книга за умрени да побараат бришење на починато лица во Избирачкиот список.
По основ на државјанство граѓаните тоа може да го побараат со потврда од Министерството за внатрешни работи. Појаснуваат дека доколку граѓани сакаат да променат податоци во Избирачкиот список тоа може да го направат со нова лична карта или нова патна исправа.
Во прегледот на ДИК за јавниот увид за референдумот е предвидена и графа за лица кои се провериле во Избирачкиот список, а се со поништено живеалиште. До 12 август вакви лица имало само три и тоа во Штип. Подрачните канцеларии на ДИК редовно од МВР добиваат информации за тоа колку лица има со поништено живеалиште во општините што ги покриваат. Во четирите општини што ги покрива подрачната канцеларија на ДИК во Кисела Вода во изминатиот период, според податоците на МВР има 650 лица со поништено живеалиште, но досега ниту едно од нив не се обратиле во канцеларијата. Во минатото имало случај кога поранешна сопруга пријавила дека нејзиниот поранешен сопруг веќе не живее на адресата на која живееле додека биле во брак. Тој не бил информиран дека има поништено живеалиште и побарал одговор кај вработените во подрачна канцеларија на ДИК, пишува Миа.
Увидот во Избирачкиот список трае до 23 август на полноќ. Проверката од 9 до 19 часот секој ден може да се направи во подрачните канцеларии на ДИК, а во текот на 24 часа електронски на веб страната на ДИК www.sec.mk. За референдумот за името ДИК треба да го заклучи Избирачкиот список на 7 септември.
Паралелно со јавниот увид тече и пријавувањето на иселениците за изјаснување на референдумот, кое исто така завршува на 23 август.