Добивај вести на Viber
Единствената рафинерија во државата „Окта“ повторно не работи. Како пишува денешен Дневник, оџаците на рафинеријата по четри месеци производство, не чадат веќе десетина дена. Причина за тоа наводно биле полните резервоари и намалената продажба. Минатата година „Окта“ во март го запре производството и не работеше речиси осум месеци, период во кој главно се увезуваа готови деривати од нејзината матична компанија „Хеленик петролеум“. Преработката на нафта во скопската рафинаерија беше обновена дури во октомври.
Иако од „Окта“ официјално не соопштуваат кои се причините за престанок на преработката, извори од рафинеријата тврдат дека тоа наводно се должело на полните резервоари и на намалениот обем на продажба. Најмногу резерви имало на бензините бидејќи многу поголема била потрошувачката на дизел-горивата. Имало извоз кон Kосово, но тој наводно бил недоволен за да ги испразни резервите и да се почне со ново производство.
Според истите извори, во „Окта“ постоело незадоволство поради тоа што секој увезувал горива, и тоа со непроверен квалитет, што довело и до намалување на продажбата, а и на извозот. А тоа било овозможено поради непостоење државна лабораторија,а која би го проверувала квалитетот на горивата.
Минатата година Царинската управа, и одзема на Окта девет решенија за брзо царинење поради низа прекршоци, а се поднесоа и кривични постапки за царинска измама и за шверцување.
Според извори на весникот, неодамнешната посета на претседателот на бордот на директори и на главниот извршен директот на „Хеленик петролеум“ на Македонија била токму со цел да се оствари средба со претставници на Владата и да се договорат некои работи во релациите со извршната власт, која е незадоволна со тоа што „Окта“ не работеше речиси осум месеци, што се одрази катастрофално врз индустриското производство и врз извозот на земјата. До средбата, според наши извори, не дошло.
Меѓутоа, други извори од нафтениот бизнис за Дневник коментираат дека тоа што резервоарите на „Окта“ се полни не мора да значи дека е од сопствено производство. Доказ за тоа е ланската година кога таа преработи само за околу 350 тони сурова нафта, а за сметка на тоа го има зголемено увозот на горива од Грција. Иако извори од рафинеријата тогаш тврдеа дека причина за престанок на производството беше факторот дека постојат големи резерви на мазут, сепак, официјалните податоци за увоз за првите девет месеци покажаа дека биле увезени 550.000 тони горива, и тоа најмногу дизел и мазут.
Моментално во земјава над 20 фирми имаат дозволи за увоз на горива. Македонија лани за над 30% го има намалено извозот кон Kосово, и тоа најмногу на готови деривати. Падот се должи, пред се, на намалениот извоз на „Окта“. Овој простор, кој го изгуби нашата рафинерија, се надомести со горива што се увезуваат од Италија или од Грција.