Добивај вести на Viber
Повеќе од 5.500 млади и невработени во БиХ пред два дена се пријавиле за попишувачи и општински инструктори на пописот на населението кој треба да се спроведе во октомври, а кој ќе се одржи за прв пат по 22 години, објави вчера „Дневни Аваз“.
На огласот кој го објави Агенцијата за статистика на БиХ, во поголемиот број општини и градови, се пријавиле во просек околу 600 заинтересирани, кои за 15 дена работа ќе можат за прв пат да заработат пристојна плата.
Cпоред наводите на весникот, се очекува да се пријават околу 50.000 заинтересирани, додека пак, работа како попишувачи ќе добијат 19.000 кандидати и 2.600 ќе бидат ангажирани како општински инструктори.
Заменик директорот на Агенцијата за статистика на БиХ, Фадил Фатиќ, изјави дека Агенцијата ќе спроведе тестирање, по што попишувачите ќе поминат петдневна обука.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во БиХ ќе се одржи од 1-15 октомври годинава.