Попоски лови руски инвеститори, ги убедува дека Македонците преживуваат со најмалку пари во Европа!
Објавено во: Економија 30 Јануари, 2013
Македонија може да му понуди многу на рускиот бизнис, изјави денеска во Трговско-индустриската комора на Русија македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.
Министерот истакна дека Македонија е политички и економски стабилна држава, а Владата гарантира заштита на странските инвестиции. Притоа, потенцирал Попоски, Македонија има најевтина потрошувачка кошница во цела Европа, пренесе Миа.
За време на презентацијата биле истакнати поволните услови за инвестирање во енергетиката, земјоделството и туризмот. Како што соопшти МНР, презентацијата била проследена со голем интерес од руските бизнисмени. Потпретседателот на Трговско-индустриската комора Георгиј Петров, пак, констатира дека Македонија и Русија водaт редовен политички дијалог и посочи оти во изминатиот едногодишен период во Москва престојувале македонскиот премиер, вицепремиерот и министерот за земјоделство. Сепак, подвлече дека обемот на трговска размена меѓу двете земји не ги одразува можностите. Според него, во првите девет месеци од минатата година стоковната размена е намалена за 40 проценти и ги повика руските и македонските бизнисмени да ја унапредат соработката не само во областа на енергетиката, туку и во други области.„Убеден сум дека производителите од Македонија ќе најдат свои купувачи во Русија“, рече Петров.