Добивај вести на Viber
Со водени топови турската полиција синоќа ги бркаше демонстрантите кои што се обидоа да влезат во паркот Гези и плоштадот Таксим. Протестот доаѓа неколку дена по одземањето на надлежностите на Сојузот на коморите на турските инженери и архитекти за кои Парламентот реши дека повеќе нама да одобруваат градежни проекти.
Токму архитектите беа едни од најгласните говорници против плановите за реконструкција на паркот Гези, од каде што потоа тргна бранот на масовни антивладини протести во Турција, кој сеуште, иако со послаб интензитет, продолжува.
Турскиот суд го блокираше проектот за реконструкција на истанбулскиот плоштад Таксим, но властите сеуште имаат право на жалба. Со проектот е планирана изградба на касарна од времето на Османлиското царство, трговски центар, а во некои објави се споменува и нова џамија.
Кан Аталај, адвокатот кој ја застапува Комората на архитекти, рече дека судот уште на почетокот на јуни пресудил дека планот за Гези ги крши законските прописи и неприфатливо ќе го промени идентитетот на плоштадот.
Во протестите кои се одржуваа во цела Турција загинаа четири лица, а повеќе од 7.000 се повредени.