ПОЖАРИТЕ УШТЕ ПОСИЛНО ДИВЕАТ, И ПОЗНАТИОТ САНСЕТ БУЛАВАР Е ПЕПЕЛ: Во Лос Анџелес расте бројот на загинати, има 16 жртви
Објавено во: Свет 12 Јануари, 2025
Пожарникарите со денови се борат со еден од најразорните пожари во американската историја, кој оваа недела веќе направи пепел делови од Лос Анџелес. Најмалку 16 луѓе досега загинаа, а десетици илјади веќе ги напуштија своите домови.
Пожарот сериозно оштети или целосно уништи 12.000 згради.
Пожарот уништи цели станбени населби во Лос Анџелес, вклучувајќи ги и домовите на некои холивудски филмски ѕвезди.
Пожарите беснеат во регионот на Лос Анџелес од вторник, 7 јануари. Градот моментално е опкружен со најмалку четири одделни пожари со вкупна површина од 15.000 хектари.
Познатиот Сансетбулевар е во пепел и урнатини
ЛА Тајмс пишува дека булеварот Сансет е во урнатини, додека жителите велат дека познати банки, продавници и кафулиња се целосно уништени. Драматична снимка покажува куќи во пламен во областа Пацифик Палисадес и жители како ги напуштаат своите автомобили и бегаат од пламените јазици.
Пожарникарите не само што се борат со пожарот, туку и со недостаток на вода или низок притисок. Во Палисадес, кој беше најтешко погоден, се користеше четири пати повеќе вода од нормалното во период од 15 часа, што влијаеше на притисокот и хидрантите.
Областа не остана без вода, но тешко е да се наполнат резервоарите за да се изгасне пожарот, објаснија властите. Пожарот избувна во вторникот и се прошири благодарение на ветровите со брзина од 80 километри на час и неверојатно сушните услови. Метеоролозите најавуваат засилен ветер до петок, а температурите ќе опаднат во наредните денови. Сепак, најмалку уште една недела не се очекува дожд.
Најмалку 200.000 луѓе во областа на Лос Анџелес се без струја.
Околу 95 отсто од пожарите во областа се предизвикани од луѓе, вели Акуна од Калифорниската противпожарна служба, иако официјалните лица допрва треба да кажат како започнале сегашните пожари.
фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER