ПРАТЕНИЦИ ОД ВЛАСТА ПРЕДЛОЖИЈА ЗАКОН ЗА ПОГОЛЕМА СТАБИЛНОСТ НА НАРОДНАТА БАНКА – повеќе пари ќе се издвојуваат за општите резерви
Објавено во: Финансии 17 Јануари, 2025
Со цел обезбедување поголема финансиска стабилност на Народната банка на Македонија во Собранието се доставени измени на Законот за Народната банка на Република Северна Македонија.
Предлагачите посочуваат со постоечкиот закон се уредуваат организацијата и работата на Народната банка, како и нејзините задачите и овластувањата. Како централна банка, со Уставот е определена како самостојна институција, одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата, со цел одржување на ценовната стабилности поддршка на општата економска политика.
Предлагачите, Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Драгана Бојковска, Миле Лефков, Никола Коњановскии Тони Јаревски, сите дел од владината коалиција истакнуваат дека од клучна важност е одржувањето на финансиската стабилност на НБРСМ од која зависи и монетарната и вкупната макроекономска политика и стабилност на земјава.
- Моменталното законско решение за распределба на добивката не овозможува зајакнување на капиталот и општите резерви на Народната банка. Имено, од 2015 година па наваму, дури 70 проценти од добивката на Народната банка е распоредувана во специјални резерви кои достигнаа износ од речиси 27 милиони евра кои на ниту еден начин не влијаат за зајакнување на капиталот и општите резерви и се спротивни на препораките на меѓународните организации за зајакнување на капиталот и општите резерви. Распределбата на добивката од 70 отсто во специјални резерви од 2015 година па наваму, а само околу 5-10 проценти (во просек) во општи резерви, придонесе Народната банка заклучно со 30 септември 2024 година да располага само со 11 милиони евра општи резерви со што е доведена во прашање нејзината финансиска стабилност– објаснуваат предлагачите.
Тие укажуваат оти во случај на зголемени трошоци во иднина поради затегнување на монетарната политика, би дошло до исцрпување на општите резерви и би иницирало итна докапитализација со средства од Буџетот. Поради овие причини предлагаат измени на Законот за Народната банка во делот на резервите и распределбата на добивката во насока на обезбедување на поголема финансиска стабилност на Народната банка преку распределба на добивката во општи резерви во повисок утврден фиксен процент од 30 проценти, наместо досегашните 5-10 отсто годишно.
- Со ова, нивото на општите резерви би имале забрзано зголемување во иднина, а со тоа и зајакнување на стабилноста на Народната банка, а остатокот би се распределувал во Буџетот. Истовремено, во насока на дополнително јакнење на општите резерви, се предлага износот од специјалните резерви кои не влијаат за зајакнување на основниот капитал и општите резерви да се пренесе на општите резерви. На овој начин, нивото на општите резерви, кои се клучни во случај на зголемени трошоци во иднина поради евентуално затегнување на монетарната политика, би се зголемиле од сегашните 11 милиони евра на 39 милиони евра, што би значело дека истите би биле двојно повисоки од износот на капиталот на Народната банка – укажуваат предлагачите, и додаваат дека со ваквите потези, тековното ниво на општите резерви и капитал во однос на монетарните обврски на Народната банка би се зголемиле двојно.
Истовремено предлагачите сметаат дека со зголемувањето на моменталното ниво на општите резерви, како и со давањето на законска можност за зголемување на делот од добивката која ќе се издвојува во општите резерви во иднина, ќе се влијае на зголемување на финансиска стабилност на Народната банка.
Детелите од законот откриваат дека „се предлага во рок од четири месеци по завршувањето на финансиската година, Советот на Народната банка да го распределува финансискиот резултат за распределба на следниов начин: 30 отсто во општите резерви до постигнување на нивото на основниот капитал, односно 15 проценти по достигнување на нивото на основниот капитал, а остатокот во Буџетот на Република Северна Македонија“.
П.О.