Пред самиот старт на учебната година наставниците порачуваат: Нема да биде се идеално, но ќе дадеме максимум за да ја реализираме наставата
Објавено во: Македонија 28 Септември, 2020
На само неколку
дена пред стартот на одложената учебна 2020/2021 година, и родителите и
учениците, но и самите наставници се уште се во неизвесност како ќе стартува
целиот процес со онлајн образованието. Голем дел од наставниот кадар кој е пред
крај на својот работен век наиде на сериозни потешкотии со усвојување на новите
технологии, и тие наставници се сериозно исплашени дали ќе успеат да одговорат
на предизвикот за успешно реализирање на наставата. Но, во разговор за Фактор,
еден од националните обучувачи за онлајн платформата, наставничката Алакесандра
Блажевска нагласува дека во ова време на кризата со епидемијата, наметнато е да
учиме нови вештини, а тоа мора да биде предизвик за сите ако сакаме да имаме
успешни генерации млади луѓе, не само кај нас, туку и во светот воопшто.
Вели дека како национални обучувачи ималме три дена oбука, која била од типот на искуствено учење, што според неа е исклучително ефективна.
-Обуката се спроведуваше на тој начин што имавме еден ден презентација за Националната платформата за учење на далечина (НПУД) од страна на професори од ФИНКИ и два дена презентации од наша страна. Овој тип на обука е многу брз и динамичен бара многу концентрација и способност за брзо учење, но воедно е многу ефикасен и продуктивен. Тимот на Национални обучувачи брои 32 наставника од основно и средно образование кои во минатото имаат искуство со користење на дигитални алатки во наставата. Тимот е исклучителен и одлично функционира. Како Н.О. секој од нас имаше да обучи по околу 40 училишни обучувачи. Времето за обука беше идентично, односно 3 дена, со тоа што ние како Н.О. се фокусиравме на основните знаење што треба наставникот да ги стекне за толку кратко време за да може да се започне учебната година. Националната платформа за учење на далечина нуди многу можности, но како и за сите нови нешта тие не може да се совладаат одеднаш. Затоа на платформата има поддршка од видео упатства, пишани упатства, кои постојано ќе се прошируваат и подобруваат. Така што, иако после првиот ден на обука многу од училишните обучувачи беа во грч и страв како сето тоа ќе се научи сепак на крајот на третиот ден од обуката речиси сите имаа јасна слика за можностите и лесната пристапност на платформата. Сето тоа благодарејќи на принципот на искуствено учење по кој се спроведуваше обуката, истакнува Блажевска за Фактор.
Во однос на предизвиците, таа нагласува дека само за 48 часа успеале да подготват пишан материјал од отприлика 260 слајда за сите чекори во користењето на платформата како и околу 25 видео упатства на сите наставни јазици. За подготвениот материјал, како што појаснува, а особено за видео упатствата имале одлична повратна информација од сите 1200 училишни обучувачи на кои им ги презентирале.Истовремено Блажевска вели дека платформата е навистина многу лесна за ракување.
-Исклучително е лесна и прилагодена да може секој да ја користи. Воедно оваа прилика ја користам да ги охрабрам сите наставници и оние кои се понесигурни во користењето на дигиталните технологии дека за почеток е доволно да умеат да го креираат распоредот, да искористат некој ресурс за постават материјал за учење и да зададат домашна работа. Секако оние со поголеми знаење можат да истражуваат и да вклучуваат други активности и ресурси кои ги нуди самата платформа. Исто така ги потсетувам дека секогаш на дофат им е подршката која ќе ја најдат во делот со упатства на самата платформа schools.mk. За жал ќе има и ученици кои од различни причини нема да можат да пристапат до платформата. За тие ученици училиштата ќе обезбедуваат пишан материјал и ќе овозможат консултативни средби со запазување на протоколите и упатствата за реализација на настава на далечина се со цел да се обезбеди најдоброто за ученикот.
Тоа што според Блажевска е многу важно е дека на платформата ќе може истовремено да се вклучат и повеќе од 30 ученици, ако има класови со толкав број. Microsoft Teams алатката која е инкорпорирана во платформата го нуди тоа, истакбува таа во нажиот разговор, и наведува дека, платформата може да функционира преку било кој пребарувач или како апликација на дигиталниот уред. Оваа алатка овозможува видео конференциска врска до 250 учесници кои може активно да учествуваат.
Во однос на тоа дали испрашувањата, тестовите, воопшто проверката на знаењето ќе се одвива со физичко присуство или се ќе биде на платформата, наставничката вели дека доколку стостојбата со Ковид-19 остане стабилна каква што е во моментов, учениците ќе имаат моженос физички да присуствуваат во училиштата и да го покажат нивното знаење.
-Во моментов според насоките кои ни се дадени од страна на МОН и БРО тестирањата би се реализирале со физичко присуство, ако ситуацијата со КОВИД 19 остане како што е во моментов. Но, во случај на ескалација тогаш тестирањата би се реализирале онлајн. Платформата нуди одлични можности за следење на напредокот на учениците не само преку тестови туку и за целокупниот процес на постигнувања на ученикот домашни, проекти, квизови и слично. Додека следењето на напредокот како што велите испрашувањата би се одвивале во текот на онлајн часовите кои задолжително ќе се реализираат според распоредот во траење од 30мин, вели таа.
На прашањето дали има начин за манипулација, односно мамење од страна на учениците во смисла препишување ако тестовите се спроведуваат на платформата, Блажевска се насмеа.
-Ха ха ха морам да се насмеам ... крадците се секогаш пред полицајците се разбира не постои идеален начин да се спречи тоа. Но, би сакала да напоменам дека ако како наставници и како опшество создадеме вредности дека оценките не се важни туку важни се само вештините и знаењето, тогаш нема да имаме проблем со препишување. По однос на објективноста на онлајн тестовите никој не може да гарантира, тоа останува на совеста на учениците.
Тоа што посебно истакнува е дека наставниците ќе бидат на своите работни места и практично ќе предаваат од училница и покрај тоа што изминатата недела од СОНК беше укажано дека сите училишта немаат соодветна опрема за online
-Да наставниците ќе предаваат од училиште. Моето училиште Јан Амос Коменски има услови, како и повеќето училишта во Карпош, но каква е ситуацијата во другите училишта навистина не би можела да одговорам. Тоа е работа на општините и директорите. Знам дека наставниците како и родителите и учениците се збунети и можеби исплашени како сето ова ќе профункционирано би сакала да истакнам дека за се треба трпение и стратегија. Стратегија имаме, трпението зависи од сите нас, чинителите во образовниот процес. Сиугурна сум дека ова ќе успее само доколку секој даде максимум во својот микросвет на делување. Да, ќе има проблеми и истите ќе се надминуваат впрочем како и во секој нова работа тоа е нормално, нема да стартува идеално секаде и илузорно е да веруваме дека така може да биде. Само треба да бидеме оптимисти и да вложиме максимум за да може ефективно да ја реализираме наставата. И За крај, сакам да посочам на фактот дека во моментов сите наставници во РСМ ќе ја реализираат наставата со опрема која сами си ја обезбедиле од својот џеб. Лично сметам дека во ниту една друга државна институција вработените не си ги носат сопствените компјутери за да ги извршуваат работните обврски, вели наставничката Блажевска, еден од националните обучувачи за онлајн платформата.
Инаку, веб страницата на Единствената национална платформа за онлајн учење е веќе достапна за корисниците преку адресата www.schools.mk. На платформата веќе се поставени видео упатства и прирачници, но и други содржини, кои, како што информираат од Владата, ако се следат внимателно, на едноставен и лесен начин ги водат корисниците низ платформата.
-Министерството за образование и наука веќе испрати насоки до сите училишта задолжително да се достават корисничките лозинки до учениците. Ги повикуваме директорите на училиштата коишто не го сториле тоа, да го забрзаат процесот и да ги испратат лозинките до учениците во текот на викендот, бидејќи за неколку дена е официјалниот страт на учебната година. Министерството за образование и наука ги повикува локалните самоуправи и градоначалниците, кои, исто така, се наш важен партнер во овој процес, максимално да се посветат на обезбедување услови за непречен старт на учебната година во училиштата, без разлика дали станува збор за физичко присуство, или за учење од далечина, се наведува во соопштението.
Анита Буховски