ПРЕВОЗОТ НА ПАТНИЦИ ВО РИКВЕРЦ, бројките на превезени патници под нивоата пред пандемијата
Објавено во: Економија 20 Септември, 2022
Граѓаните тешко се враќаат кон користење јавен превоз кога патуваат од еден во друг град во земјава или пак кон нова дестинација во земјите во соседството и пошироко. Бројките говорат дека интересот на патниците за јавен превоз, било да станува збор за меѓуградски превоз, или пак за меѓународен, и понатаму е намален, а упатените потеницираат дека се уште не се постигнати слични нивоа на превезени патници како пред пандемијата.
- Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2022 година, во патниот патнички превоз бројот на превезените патници изнесува 893 илјади, во градско-приградскиот превоз 10.574 илјади, во вжелезничкиот превоз 105 илјади, додека бројот на превезените патници во воздухопловниот превоз изнесува 598.792 - се посочува во последното соопштение на ДЗС за превозот на патници.
Доколку се прави споредба меѓу различните типови на превоз, ќе се забележи дека единствено кај авионскиот превоз бројот на патници е зголемен, и се приближува до предкризните нивоа. Од друга страна, бројот на патници во патниот и во железничкиот превоз не е целосно повратен, иако и во овие две области има раст на бројот на патници.
- Ако ги споредуваме бројките со периодот на пандемијата може да забележиме раст на бројот на патници. Но, бидејќи во пандемискиот период ние спаднавме на многу мали бројки на превезени патници како репер за споредба го земаме периодот пред пандемијата или 2019 година. Забележуваме дека во текот на првите осум месеци оваа година, во споредба со истиот период 2019 година имаме дури за 30 проценти помалку патници. Се уште не се вратени патниците како на нивото пред пандемијата, кога бројот на превезени патници значително се намали, сепак, позитивно е што бројките се зголемуваат - посочува сопственикот на компанијата „Руле трус“, Масар Омерагиќ.
Тој дополни дека во меѓународниот автобуски превоз од почетокот на годината до крајот на август се превезени 48.206 патнции, додека истиот период 2019 година биле превезени 73.245 патници. Омерагиќ додава дека кај меѓународниот превоз бројот на патници е намален за 34,2 проценти.
Истиот период бројот на превезени патници на меѓуградските дестинации достигнал 283.382, додека во 2019 година нивната бројка изнесувала 500 илјади граѓани. Кај меѓуградскиот превоз било забележано намалување на превезените патници од 43 проценти.
- Иако бројот на патници не е целосно повратен, се надеваме дека бројките ќе продолжат да се зголемуваат. Наспроти намалениот број на патници, трошоците за превозниците, но и за одржување на станицата се драстично зголемени. Свесни сме сите за цените на горивата, кои одат нагоре, надоле, и станаа многу нестабилни. Дополнително трошоците за струја се зголемија над 400 проценти, а кај трошоците за одржување на возилата исто така имаме значително поскапување. Но, тоа се условите, врз причините за поскапувањата не можеме да влијаеме, ќе мора да изнаоѓаме начини за опстанок на фирмите - појаснува Омерагиќ, кој додава дека уддел во намалените бројки може да имаат и нелегалните превозници и посочува дека тие се редовна појава.
Граѓаните кои редовно патуваат низ земјава, особено оние кои патуваат на дневна основа за работа посочуваат дека наспроти поскапувањата, меѓу кои и на меѓуградскиот превоз, платите се исти, и одвај врзуваат крај со крај.
- Редовно патувам од Велес за Скопје, и користам различен превоз, некогаш автобуси, воз, но и такси превозници. Последно време барам поевтин превоз, трошоците се зголемија, се поскапе, но платите останаа исти, што ме натера да корисатам диви превозници. Порано бев против вакви превозници и ги сметав за несигурни, но сега тие се покажаа како многу попрактични. Неколку луѓе патуваме секој ден, не земаат од дома, не враќат до пред врата, а притоа е и многу поевтино. Дополнително никогаш не се случило да извисиме, да се расипе возот и да чекаме друг - вели нашата соговорничка.
П.О.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.