ПРОДАДЕНИ 90 ОТСТО ОД АКЦИИТЕ НА ФУДБАЛСКИОТ КЛУБ НА ГОРАН ПАНДЕВ - влегоа ли Италијанците со сума од 603 илјади евра
Објавено во: Македонија 05 Мај, 2023
Вчера на Македонската берза помина блок трансакција со акциите на Фудбалскиот клуб академија Пандев од Струмица.
Според податоците од Берзата, во еден наврат, односно во блок трансакцијата, биле продадени 2.250 акции на ФК Академија Пандев, по цена по акција од 16.480 денари, или во вкупен износ од нешто над 37 милиони денари, што, пак, е рамно на 603 илјади евра.
Ако се погледнат податоците на Берзата за овој фудбалски клуб, може да се види дека самиот ФК Академија Пандев има вкупно издадено 2.500 акции, што значи дека вчера преку берзанската блок трансакција бил продаден најголемиот дел од акциите, односно 2.250, а останале само 250 акции.
Или, изразено во проценти, тоа значи дека вчера преку берзанска блок трансакција биле продадени 90 отсто од Фудбалскиот клуб Академија Пандев, за сума од 603 илјади евра.
Засега нема официјална информација за тоа кој го купи доминантниот и мнозински дел од акциите на фудбалскиот клуб.
Затоа само ќе потсетиме на новинарските текстови што беа објавени во февруари годинава, кои навестија дека силна италијанска компанија, која котира и на Њујоршката берза Насдак, ќе купи значаен декл од акциите на ФК Академија Пандев.
Практично, спортските медиуми во земја во февруари објавија дека италијанската компанија „Брера Холдинг“ излегла на њујоршката берза Насдак, и на јавна понуда собрала околу 8 милиони долари, од кои дел ќе треба да инвестира и во македонскиот прволигаш Академија Пандев.
Струмичкиот клуб го очекува реструктуирање, а „Брера Холдинг“ ќе откупи 70 отсто од акциите на Академија Пандев, објавија тогаш медиумите.
Пишуваа и н дека целиот проект треба да биде поврзан и со клубови во Аргентина, Гана и Мозамбик, мрежа која треба успешно да работи во фудбалскиот свет.
Се наведе дека Пандев ќе остане сопственик на 30 отсто од акциите и ќе ја задржи младинската академија на клубот, впрочем како што и почна да се развива Академија Пандев.
Брера е аматерски клуб од Милано, трет во градот, по италијанските гиганти Интер и Милан.
Инаку, нашата фудбалска легенда Пандев, како што пишуваат спортските медиуми, е член на бордот на оваа американско-италијанска компанија.
Тие тогаш најавија дека го почнуваат проектот во кој прва цел е купопродажбата на Академија Пандев, и една комплетна реконструкција од лето, со цел ова да стане вистински фудбалски бизнис.
„Многу луѓе не веруваа во овој проект. Ама, на крај јас сум среќен што во Македонија ќе инвестираат Американци и Италијанци. Акциите ги продадоа на берза и сега ќе почнат да купуваат клубови. Прв е Академија Пандев, па се надеваме дека ќе избориме опстанок и од следната сезона ќе направиме тим кој ќе игра главна улога во македонското првенство“, изјави за Спорт1 Пандев од Њујорк.
Калчолигашката икона, која лани стави крај на величенствената кариера, со партнерите од Брера, официјално присуствуваше на пуштањето во промет на акциите, кои имаа раст уште на првиот ден од појавата на берзата Насдак
Струмица, како што пишуваа медиумите, треба да биде центарот на проектот зашто европскиот фудбалски пазар е најголем и најмоќен за промоција на фудбалери, чија продажба треба да го направи многу исплатлив комплетниот фудбалски проект со инвестициите на „Брера Холдинг“ низ светот и создавање на една мрежа на клубови низ која најголемите таленти преку струмичкиот прволигаш потоа би се пласирале во клубови на стариот континент.
Н.Н.Ф.