Продажба и препродажба на грчките острови, 10 милиони евра за Спалатрониси кај Халкидики
Објавено во: Балкан 24 Јули, 2013
На прес-конференција денеска во Грција беше најавено дека преку аукција државата ќе го продава островот Спалатрониси. Како што пишува весникот „Катимерини“ , ова ќе биде прв грчки остров продаден на јавно наддавање.
Аукацијата за островот кој се наоѓа до Халкидики е закажана за септември, а почетната цена се очекува да биде 10 милиони евра. Ова е најголемиот од трите острови што ја формираат групата Спалатронисија.
Продажбата ја најави сопственикот на аукциската куќа „Миро Антик Хаус“, Ставрос Миронидис кој истакна дека вака ќе се олеснат бирократската процедура. Заинтересирани се и Грците , но и странски купувачи.
Инаку поради кризата и ниските цени на недвижниот имот во Грција, најзаинтересирани за имоти на Халкидики се руските граѓани. Повеќе од половина од новоизградените домови во Халкидики се продаваат на Руси. Македонците и Бугарите пак најчесто купуваат станови околу Солун, главно поради ниската цена која знае да се спушти и до 300 евра од квадрат. Грчките острови пак главно ги купуваат милијардерите кои бараат приватност. Пред неколку месеци беше ставен на продажба островот Дулихиум се наоѓа во Јонското Море, кој е најголемиот приватен остров во Грција по цена од 40 милиони евра. Во меѓувреме и Емирот на Катар, Хамад бин Халифа ал Тани си купи шест грчки острови во Јонското Море за сума од само 8,5 милиони евра. Тој ги доби островите после 18 месеци правни спорови со локалниот градоначалник и со кралската фамилија. Се смени сопственикот и на островот Скорпиос на Јонското море кој од внуката на починатиот грчки бродски магнат Аристотел Оназис го купи рускиот милијардер Дмитириј Риболовлев. За Скорпиос и за островот Спарта, тој платил околу 100 милиони долари.