Добивај вести на Viber
Статистиката го покажува она што раководството на Окта цела година го одмолча. Минатата година Окта произведе драматично помалку нафтени деривати во споредба со претходните неколку години, и покрај евидентниот раст на потрошувачката во земјава.
Катерина Попоска
Рекордни 65% помалку нафтени деривати произведе Окта во 2012 година, во споредба со 2011 година. Последните статистички податоци се дотолку попоразителни ако се земе предвид фактот дека во 2011 година годишното производство на Окта беше само за 4,5% помало во споредба со 2010 година. Државниот завод за статистика го откри она што Окта цела година го премолчуваше-скопската рафинерија речиси цела година не работеше, со што македонската индустрија и граѓаните нафта и нафтени деривати добиваа од увоз.
Ќе го репризира ли Окта минатогодишното (не) работење?!
Анализите покажуваат дека Окта работеше со поголем капацитет само во првите два и последните два месеца од минатата година. Останатите месеци, рафинеријата речиси и да не преработуваше нафта. Раководството ова го правдаше со неколкумесечниот ремонт. Но, оттаму немаше конкретен одговор зошто Окта лошо работеше лани, наспроти изминатите неколку години, во време кога е повеќе од очигледно дека потрошувачката на нафтени деривати во Македонија се повеќе расте, и покрај галопирачкиот раст на малопродажните цени на горивата.
Фактор не доби објаснување од раководните во Окта какви се плановите за работа за оваа година, како и тоа дали годинава Окта можеби ќе го репризира минатогодишното (не)работење, и дали грчките газди на рафинерија и натаму ќе се ориентираат повеќе кон трговијата?
Анализата на статистичките податоци покажува дека Окта во мај 2010 година произведе фантастични 207,6% повеќе нафтени деривати во споредба со истиот месец во 2009 година. Но, мај не е репрезентативен примерок за производство во текот на целата 2010 година, кога преработката на нафтат се движи во просек од +/-10%-15% секој месец. Оттука, во текот на цела 2010 година Окта произведе за 10% помалку нафтени деривати, споредено со работењето во 2009 година.
Деветмесечното неработење на ОКТА и донесе загуба од 5,5 милиони евра!
Лоши финансиски резултати за првите три квартали од 2012 година Окта ги правда со глобалното намалување на рафинериските маржи. Дури 5,5 милиони евра загуба книжи Окта поради деветмесечното неработење лани во Македонија. За разлика од минатата година, единствената рафинерија во земјава која продава и на домашниот, но и на српскиот и косовскиот пазар, во 2011 година оствари профит од 4,9 милиони евра.
“Друштвото искажа нето загуба по оданочување како резултат на глобалното намалување на нето рафинериските маржи на ФОБ основа. Значајното зголемување на продажните цени на нафтените деривати поради постојаниот пораст на цената на суровата нафта на светската берза резултираше со намалена побарувачка на пазарот на истите. Курсот на американскиот долар се зголемуваше, што предизвика остварување на поголеми финансиски расходи во однос на приходи од истите“, е објаснувањето од Окта за лошите резултати од работењето за трите квартали од 2012 година.
Окта почна со работа по покренатата кривична пријава
Во ноември и декември минатата година Окта почна да произведува нафтени деривати, што е за околу 30% помалку во споредба со истиот период во 2011 година. Откако кон средината на октомври минатата година Царинската управа пoкрена кривична пријава против Рафинеријата поради измама и криумчарење, Окта го зголеми производството. Рафинеријата тогаш се закани дека снабдувањето со нафтени деривати во земјава е доведено во опасност, објаснувајќи дека укинувањето на одобренијата за поедноставени постапки на увоз и извоз на нафтени деривати значително ќе влијаат на нормалното снабдување со нафтени деривати на локалниот и на косовскиот пазар, создавајќи сериозни проблеми во енергетскиот биланс на двете земји.
Според Царинската управа, Окта речиси цела 2012 година работела без потврди за општа гаранција за транзитна постапка и не ги доставувала сите потребни документи веднаш или најдоцна до наредниот работен ден, што претставува грубо кршење на царинските прописи.
Царината која кон крајот на годината исконтролирала 10 цистерни на рафинеријата, утврдила дека Окта увезувала бензин со помалку октани од декларираните.
Основното јавно обвинителство за сега не се признесе како ќе постапи по поднесената кривична пријава за Окта од страна на Царинската управа.
Извор: Државен завод за статистика