Добивај вести на Viber
Изградбата на соларниот парк на југот на Србија вреден милијарда и 750 милиони евра, кој помпезно беше најавуван како најголем на светот, најверојатно нема да се случи, пишуваат српските медиуми.
Од американската компанија „Секрум активити партнерс“, која требаше да инвестира во изградба на најголемиот светски соларен парк на југот на Србија, се жалат дека од државата добиле несоодветно земјиште за изградба. Оттаму најавуваат тужби за државата ако не покаже подготвеност да го испочитува својот дел од договорот до 23 август.
Изградбата на паркот требаше да трае од три до пет години и да ангажира околу 3.000 работници, а кога паркот ќе почнеше со работа се очекуваше дека ќе вработи околу 600 луѓе кои би произведувале струја за пазарот на ЕУ.
Според планот, Србија покрај соларниот парк, требаше да добие и три нови фабрики за производство на соларни панели. Било предвидено државата бесплатно да отстапи земјиште за парк на 25 години, а годишно само од данок би приходувала 28 милиони евра.