Добивај вести на Viber
Со транспаренти „Не можам да дишам-ме гушиш“, „Заштита за очи имаме, но за бели дробови немаме“, „Абер да се немало“, но и гас маските на глава, повеќе еколошки здруженија денеска во Скопје организираа протест поради енормното загадување на воздухот. Протестот го поддржа и младината на ДОМ, која се декларира за „Зелена партија“, а е дел од владината коалиција.
Младите активисти побараа да запре загадувањето од големите индустриски капацитети, да се воведе пар-непар систем за редуцирано движење а автомобилите при вакви состојби, но и бесплатен автобуски превоз за сите.
Според Марко Соколовски од здужението „Биди зелен“ од Скопје, голем проблем се увезените стари автомобили со еуро 2 стандард, чиј увоз кулминираше последниве години.
„Ова е како да имаме една нова фабрика што се движи по скопските улици“, Соколовски на протестот.
Од невладината „Фронт 21“ пак укажаа на проблемите кои ги прават големите фабрики во Скопје и останатите градови.
„Ние бараме да се затворат индустриските капацитети додека трае оваа алармантна ситуација со загадувањето или во краен случај да се намали нивното производство. Се надеваме дека Владата ќе стои на своето ветување големите загадувачи да ја исполнат А еколошката дозвола иако не го сторат тоа ќе бидат затворени“, посочи Александра Бујаровска правник во „Фронт 21“.
Активистите побараа надлежните да се запознаат и со новите технологии и да ги искористат во битката против загадувањето.
И вечерва во Скопје падна магла, а концентрацијата на РМ 10 честичките е неколкукратна повисока од дозволеното. Состојбата е уште позагрижувачка во Тетово, а не се далеку ниту Кичево и Битола.
Владата најави дека со нови мерки против загадувањето ќе излезе во текот на идната седмица.