РАБОТОДАВАЧИТЕ ЈА ПРИФАТИЈА НЕДЕЛА НЕРАБОТЕН ДЕН - работникот мора да биде награден што не одмарал како и сите други
Објавено во: Економија 07 Јули, 2021
Откако до пратениците стигнаа предлог законските измени на законите за работни односи и за трговија, со кои недела се прогласува за неработен ден, дел од бизнис заедницата вели дека генерално се согласува со нив и смета дека работникот навистина треба да се награди за работењето во недела.
Сепак, од Организацијата на работодавачи на Македонија велат дека тие барале, но во сегашната верзија на законските измени тоа го нема – во нив да влезат и оние дејности во кои заради временските услови има денови во кои не може да се работи, тие да можат да бидат надомесетени и со работење во недела. Односно, и сега законски е дозволено работодавачот, доколку работникот заради временските услови не може да оствари 40 часовна работна недела, тоа да му го прераспореди во други денови, па сега бизнисот бара тој ден да може да биде и недела.
Ова тие го барале да влезе во измените на ЗРО независно од дејностите кои во законските измени се наведени дека во нив мора да се работи во недела заради технолошко-технолошкиот процес, и за кои работниците треба да добијат 50 отсто повисока дневница, но и еден слободен ден во текот на наредната недела.
„Такви дејности се градежништвото и полјоделството. Во овие дејности, на пример во градежништвото, заради временските услови, како што се да речеме високи температури, работниците не можат да работат во вторник и во среда, па затоа нашето барање беше, согласно законската можност што и сега е дадена, работодавачот да ги прераспоредува работните денови на работниците, во тие денови за надоместување да може да влезе и недела. Или, на пример, во полјоделството, исто заради временски прилики на пример, во одредени денови да не може да се одвива жетвата и тоа да мора да се надомести. Но, од нашите информации што сега ги имаме, тој предлог не е влезен во измените на ЗРО. Сепак, доколку има волја Владата, тоа при носењето на законот може да го предложи како амандман министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска, или, пак, некој од пратениците“, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи, кој учествуваше во дебатите околу подготовката на законските измени за недела неработен ден.
Тој објаснува дека не се бара овие дејности да влезат во групата на дејности кои се исклучок од тоа недела да биде неработен ден, туку да се стават како посебен дел во законските измени.
„Во Законот за работни односи и сега има член според кој може да се врши прераспоредување на работното време кое во просек е шест дена во неделата, но сега ние бараме тоа да се дополни и со можност еден од деновите со кои може да се врши надоместување, да биде и недела. Бидејќи, ако работникот не работел два дена, на пример вторник и среда, како тоа потоа би се надополнило доколку во деновите за надоместување не влезе и недела“, објаснува Димитров, додавајќи дека ова нивно барање исклучиво важи за дејностите каде што то го налагаат временските услови.
А, кога станува збор конкретно за измените на ЗРО со кои недела се прогласува за неработен ден, Димитров објаснува дека во првичната верзија што ја подготвила Владата биле штуро и општо наведени областите кои се исклучок и во кои недела ќе мора да се работи, а во сегашната нова верзија сите дејности кои ќе бидат исклучоци се стриктно и прецизно наведени.
„Е сега, тоа носи ризик некоја од дејностите која е исклучок, можеби да било пропуштено да се наведе во законот. Но, од тие причини, кога ќе профункционира законот во пракса, ќе се покаже кои дејности можеби биле испуштени, па најверојатно тогаш би имало корекции во законот“, вели Димитров.
Исто така, како што наведува претседателот на Организацијата на работодавачи, подзаконските акти и правилниците власта треба навреме да ги подготви, со цел, како што вели, да не се направи некој пропуст, и потоа да се блокира работењето на цели сектори.
Инаку, факт е дека зголемената дневница за 50 отсто ќе ги зголеми трошоците на работодавачите, но како што објаснува Димитров, тие се свесни дека работникот заслужува да биде награден дополнителнио за работа во недела.
„Ние сме свесни дека работникот, наместо да биде како и сите други дома со своето семејство, работел во недела, и тој за тоа треба да добие соодветна сатисфакција, односно треба да биде награден“, објаснува Димитров.
Според него, и сега со законот е предвидено дека работниците што работат во недела треба да добијат повисока дневница.
„Но, проблемот беше што некои газди не ги почитуваа тие одредби, па иако работеа во недела, на пример, а треба да го дадат вторник како слободен ден, тие тоа го ‘забошотуваа’ и работеа во текот на цела недела, а работникот практично немаше одмор. Сега нема да бидат можни тие злоупотреби“, објаснува Димитров.
Во однос, пак, на измените на Законот за трговија, Димитров смета дека е добро решение тоа што се усвои, а тоа е трговецот самиот да може да бира дали ќе работи во недела, и ќе му плати 100 отсто повисока дневница на работникот, плус два отсто за детски градинки, или, пак, едноставно нема да работи во недела, со што нема да биде изложен на овие трошоци.
Или, оние што ќе работат во недела, ќе добиваат повеќе пари. Газдите, пак, што оваа нема да го почитуваат, ќе добијат клуч на врата на фирмите и плус парични санкции. Дали се тоа ќе се спроведува како што е замислено од први октомври, ќе контролираат трудовите инспектори. Конечниот збор околу предложените измени на двата закони ќе го кажат пратениците.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.