Добивај вести на Viber
Добивката ќе ја делат акционерите „Прва груп плц“ од Словенија која поседува 51 отсто и „Комерцијална банка“ која поседува 49 отсто од капиталот во друштвото кое сега управува фонд во кој 196.000 членови имаат над 300 милиони евра заштеди
„КБ Прво пензиско друштво“, компанијата што управува отворени пензиски фондови од кои едниот е задолжителен, а другиот доброволен, лани годината ја заврши со добивка од 74,7 милиони денари (1,21 милиони евра), покажуваат податоците од билансот на успех на друштвото објавен на неговата официјална интернет страница
www.kbprvo.com.mk
Добивката за минатата година што ја остварило друштвото ќе ја поделат или ќе ја акумулираат во друштвото неговите акционери „Прва груп плц“ од Словенија која поседува 51 отсто од акциите и нашата „Комерцијална банка“ која е сопственик на 49 отсто од капиталот. За 2013 година двата акционери поделија дивиденда од 67,65 милиони денари (1,1 милиони евра).
Од структурата на билансите се гледа дека приходите од управување со фондот лани достигнале ниво од 173,3 милиони денари што претставува раст од 13,5 милиони денари во споредба со 2013 година. Минимален пад од 0,9 милиони денари во однос на 2013 година бележат приходите кои друштвото ги остварува од надоместок од придонеси. Тие во 2014 година изнесуваат 85,6 милиони денари. Во втората приходна ставка кај надоместокот од управување друштвото бележи солиден раст на приходот за 19,5 отсто до износ од 87,66 милиони денари во 2014 година, односно за 14,3 милиони денари повеќе од 2013 година.
На страната на трошоците има расходи за управување со фондот и расходи за управување со друштвото. За управување со фондот друштвото лани издвоило 43,25 милиони денари, а најмногу од тие пари биле платени за Агенцијата за супервизија на капитално финансираното осигурување - МАПАС и тоа 19,66 милиони денари – за 1,8 милиони денари повеќе од 213 година. Втора по големина расходна ставка е трошокото на друштвото кон банката – чувар на фондот. За таа намена лани се издвоени 11,6 милиони денари, а преклани биле издвоени 8,7 милиони денари. Растот на овој трошок е правопропорционално поврзан со зголемувањето на средствата на осигурениците во пензискиот фонд. За маркетинг „КБ Прво пензиско друштво“ лани потрошило 6,7 милиони денари околу 11 отсто повеќе од потрошеното во 2013 година.
Кај расходите од управување со друштвото кои лани изнесувале малку над 1 милион евра најголемо е учеството за плати и надоместоци за вработените. Таа ставка изнесува 32,9 милиони денари што е повеќе од половина од сите расходи за управување со друштвото. Втора по големина ставка се останатите трошоци од работењето и тие изнесуваат 16,6 милиони денари.
Финансиските приходи на друштвото лани изнесувале 15,3 милиони денари и огромен дел од нив се приходи остварени врз основа на камати од работење со неповрзани субјекти и изнесуваат 13,9 милиони денари и се за 5 отсто повисоки од тие во 2013 година.
„КБ Прво пензиско друштво“ е основано во 2005 година и досега во фондот што го управува членуваат повеќе од 196.000 членови. Минатиот месец друштвото објави дека заштедите на членовите на задолжителниот фонд што го управува надминале 300 милиони евра со што ова друштво е прво во македонската историја кое управува со фонд на заштеди на идни пензионери вредни над 300 милиони евра.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: