Разбиена група која препродавала бебиња - барале и до 18.000 евра
Објавено во: Балкан 06 Август, 2018
Девет лица уапси грчката полиција, и тие се осомничени дека се дел од мрежа што се занимавала со препродажба на новороденчиња на двојки кои не можат да имаат деца.
Полициската акција е направена во реонот на Атина, откако двајца припадници на полицијата, кои се претставиле како брачна двојка што нема деца, стапиле во контакт со криумчарите.
Според изјавите на лажната брачна двојка, криумчарите им понудиле на продажба бебе старо четири дена за сума од 18.000 евра.
Меѓу уапсените се и четири Бугарки, од кои едната е мајка на бебето кое им било понудено на полицајците. Од останатите три Бугарки, едната е бремена, а останатите две се породиле неодамна.
Оваа група за препродажба на бебиња почнала да дејствува пред најмалку осум месеци.