САД ДО СРБИЈА: Ќе мора да се соочите со резолуцијата за Сребреница
Објавено во: Балкан 22 Април, 2024
Ќе мора да се соочите со резолуцијата за Сребреница, Соединетите Американски Држави(САД) ѝ порачаа на Србија.
Помошникот на американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Браен изјави по разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград, дека Вашингтон сака САД и Србија да го продолжат долгогодишното пријателство.
О’Браен вели дека во Сребреница е извршено „кривично дело и злосторство“ и дека многу извршители во судската постапка се осудени, но дека денес е потребно да се соочи со вистината.
Вучиќ, зборувајќи за резолуцијата за Сребреница, кажа дека е исклучително загрижен бидејќи знае дека таа резолуција ќе ги наруши односите во регионот.
„Знаеме дека сме мали, знам дека Америка е суперсила, но ние ќе се спротивставиме на тоа насилство над српската држава и српскиот народ“, изјави Вучиќ.
Српскиот претседател рече дека Србија е во исклучително тешка политичка ситуација бидејќи „плаќа висока цена“ поради геополитичката ситуација, пред сè поради односот кон конфликтот во Украина, санкциите кои не сака да ѝ ги воведе на Русија, и поради Косово кое има силна западна поддршка. Српските политичари се налутија затоа што македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи кажа дека Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата.