Добивај вести на Viber
„Сахара груп“ нема дозвола за градење објекти во поранешниот комбинат „Џумајлија“, ниту пак ќе ги преземе долговите, вели градоначалникот на Лозово Орце Цветковски. Земјиштето е издадено под концесија за период од 15 години.
Министрите за финансии и за земјоделство, Ставрески и Димовски, вчера во „Џумајлија“ со орање на првите бразди и пиење шампањско ја промовираа, според нив, најголемата инвестиција во земјоделството која ќе чини над 200 милиони евра. Најавија изградба на фарма за 20.000 крави, за која се` уште не е доставен ниту еден документ ниту пак е побарана дозвола за нејзина градба. Комбинатот „Џумајлија“ денеска беше празен. Ги немаше тракторите и другата механизација кои помпезно ги промовираа и користеа министрите, објави „Телма“.
Откако Даневски прво ја однесе „Џумајлија“ во банкрот, а потоа избега во Бугарија, се чини дека ние ќе ја платиме сметката за неработењето на Комбинатот, коментираат лозарите од Тиквешијата кои се` уште ги чекаат парите од околу еден милион евра за предадено грозје за изминатите две години .
И додека деновиве на големо се најавуваат огромни инвестиции од страна на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, за нив останува отворено прашањето, што со винарската визба која работеше во рамки на Комбинатот и која им ги должи парите.
Лани комбинатот беше ликвидиран, се формираше стечајна маса ,а над 400 хектари лозови насади, сега се во сопственост на доверители, како и целокупната земјоделска механизација
Љупчо Аризанов, од „Агротиквешија“ вели дека тешко се вадат парите на име на продажба на предмети кои што се наменети за лозарите, од механизацијата и вино, но тешко се добиваат пари од стечајната постапка.
Од „Сахара груп“ најавија дека ќе донесат над 20 илјади грла говеда, ќе изградат фабрика за добиточна храна и млекарница но пасиштата, винаријата и млинот на „Џумајлија“ не се споменуваат никаде. Не добивме ниту одговор од ресорното Министерство што со овие објекти и кога ќе ги добијат лозарите своите пари?
Проценките се дека околу двесте лозари се оштетени од Џумајлија а и работите со „Винеа“ не се помрднати, состојбата е катастрофална и нема никакви активности за исплата.
Најновите информации говорат дека во ресорното Министерство неодамна е договорено, лозарите да добијат 11 денари за килограм „смедеревка“ и 13 денари за „вранец“. Тие се незадоволни зашто побараа минималната цена за „вранецот“ да биде 14, а за „смедеревката“ 12 денари за килограм, објави „Телма“.