САЊА БОЖИНОВСКА: Чест ми е да го применам меѓународното искуство од работа во 20 држави во областа на енергетиката
Објавено во: Економија 28 Јануари, 2025
Во своето вчерашно гостување на поткастот „ВМРО – ДПМНЕ зборува“, министеркатаБожиновска истакна дека има работено во 20 држави во Европа и секогаш работела согласно законските норми на тие држави. Токму затоа и претставува чест да го примени целото свое искуство и да ја постави законската рамка во областа на енергетиката со кои ќе се постават основите како ќе се движи Македонија во идниот период.
На прашањето зошто го прифатила предизвикот да биде министер за енергетика, таа истакна:
„Енергетиката е многу комплексна наука и има различни сегменти, како што кажавте ова е Министерство не само за енергетика туку и рударство и минерални суровини. Тоа се две децении знаење, комуникација, но тоа беше од другата страна, од приватниот сектор. Меѓутоа се што работите во приватниот сектор значи дека мора да ги исполнувате легислативите и нормите кои ги пропишува секоја држава“, кажа Божиновска.
Според министерката Божиновска, но и други експерти од земјата и регионот, Министерство за енергетика требало многу порано да биде направено, а парламентарното мнозинство направила добра одлука што формирала Министерство за енергетика, како и останатите земји во регионот. Енергетиката, рударството и минералните суровини се од огромно значење за секоја економија и сите држави и во Европската унија и во соседството имаат вакви министерства.
Министерката Божиновска зборувајќи за своето образование откри дека по завршување на средно училиште на англиски јазик заминала на четиригодишни додипломски студии во Прага. По комплетирањето на студискиот престој во Чешка, Божиновска заминува на студии по меѓународен бизнис на Кралскиот универзитет во Холандија. На Кралскиот универзитет своето образование го стекнува од реномирани професори од кои некои биле и добитници на Нобелова награда. Во текот на својата богата професионална кариера, таа постојано го надоградувала своето знаење преку посета и учество на голем број меѓународни размени, семинари, конгреси и конференции во изминатите 20 години.