Се интензивира референдумската кампања пред почетокот на последната недела до гласањето
Објавено во: Македонија 23 Септември, 2018
Државната изборна комисија (ДИК) ги продолжува подготовките за претстојниот референдум на 30 септември, а јавната пропаганда се интензивира и на терен меѓу граѓаните, но и на социјалните мрежи.
На терен меѓу граѓаните се и пратениците од владејачката коалиција која е „за“ референдумското прашање и опозициските партии на Албанците кои го поддржуваат референдумот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи протестен марш, а собир имаат поддржувачите на ставот за бојкот на референдумот.
Поддршка за референдумот секојдневно стасува и од европските лидери. Коалицијата „Излези ЗА европска Македонија“ ќе има граѓански собир во Струмица на кој ќе се обрати премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и трибини во Велес и во Гевгелија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе има протеsтен марш во Охрид. Активности во Скопје попладнето имаат и застапниците на ставот за бојкот на референдумот.
Ноќеска на полноќ заврши рокот за пријавување на болните и изнемоштените лица за гласање до општинските изборни комисии. Колку се пријавени и на колкумина им се прифатени барањата се очекува ДИК да информира до утре. Од понеделник, пак, продолжуваат обуките на избирачките одбори, кои на денот на референдумот ќе бројат шестмина членови. Процесот ќе биде мониториран од акредитирани набљудувачи, за што рокот завршува на 24 септември.
Кампањата завршува во четврток на 27 септември на полноќ, а дотогаш исто така овластениот предлагач во случајов Собранието на Република Македонија има право да определи претставник и негов заменик кои ќе ја следат работата на изборните органи од распишување на референдумот до утврдување и објавување на конечните резултати.
За референдумот печатницата „Киро Дандаро“ треба да испечати 1.806.336 гласачки ливчиња,
односно онолку колку што има запишано гласачи во заклучениот Избирачки список.