Се истражува дали имало поткуп на гласачи во Теарце
Објавено во: Македонија 25 Декември, 2016
Министерството за внатрешни работи(МВР) преку соопштение информираше дека презема мерки и активности за расчистување на настанот кој бил пријавен вчера во СВР Тетово за сторено кривично дело „примање на поткуп“ од страна на две лица.
Едно лице вчера во тетовската полиција поднело кривична пријава според која две лица С. Ш. и Ф.И. во вечерните часови му понудиле него и на уште неколку семејства во село Теарце од 100 до 500 евра за еден гласач, за да не го остварат своето избирачко право.
„Утврдено е дека на 22 декември лицето С.Ш. дошло во домот на пријавителот, ги побарал личните карти од членовите на неговото семејство кои имаат право на глас и побарал да не гласаат за што ќе му бидат дадени парични средства. Пријавителот не ја прифатил ваквата понуда. Притоа, од страна на ОЈО Тетово на началникот СВР Тетово му се дадени насоки лицата што се посочени во записникот како сведоци и можни сторители да не се повикуваат во СВР Тетово во текот на вчерашниот и денешниот ден со цел да не се прекине изборниот процес, а со постапката да се продолжи од понеделник 26.12.2016 година“ - додаваат од МВР.
Се работи на расчистување на случајот.