СЕ ЈАВИ СРПСКАТА ПОЛИЦИЈА: Тврдат дека не малтретирале мигранти на границата со Македонија
Објавено во: Македонија 22 Февруари, 2024
Српската полиција демантира дека малтретирала и соблекувала по долна облека мигранти на границата со Македонија.
Министерството за внатешни работи на Србија денеска ги демантираше наводите во медиумите дека нивни припадници тепале мигранти, пуштале службени кучиња врз нив, кои ги искасале, по што ги соблекле во долна облека и ги принудиле да се вратат во Северна Македонија пеш, јави дописникот на МИА од Белград.
„Во врска со предметното видео (објавено од Гардијан), нагласуваме дека Управата за гранична полиција добила барање од граничните власти на Северна Македонија за изјава во врска со два настани во селото Лојане на територијата на Северна Македонија, каде што во текот на ноќта и утрото тој ден биле пронајдени две групи нерегуларни мигранти, кои тврделе дека српските полицајци наводно ги тепале, им дозволиле да ги нападнат службени кучиња, кои ги искасале, по што ги соблекле во долна облека и ги принудиле да се вратат пеш во Северна Македонија“, стои во соопштението на МВР.
Велат дека српската полиција веднаш по добивањето на барањето извршила проверки во Регионалниот центар на граничната полиција кон Северна Македонија и утврдила дека во тој момент на наведеното подрачје немало патроли на српска полиција.
„Потенцираме дека Управата за гранична полиција не користи службени кучиња во вршењето на надзор на државната граница, ниту ги поседува во рамките на својата организациона единица и дека нема потврда дека предметните настани се случиле на територијата на Р. Србија“, се наведува во соопштението.
Во врска со овие наводни настани, Управата за гранична полиција побара дополнителни информации од надлежните органи на Северна Македонија.
Наведуваат дека од 13 јануари 2023 година, припадниците на Управата за гранична полиција ја надгледуваат државната граница меѓу Србија и Македонија со помош на полициски службеници од Австрија и Унгарија, во рамките на трилатералниот меморандум за соработка.
Британскиот весник Гардијан објави на својот сајт снимка од група мажи во долна облека, како по студот во колона во мракот одат по пат. Според британскиот весник, станува збор за мигранти на кои српската полиција им ја соблекла облеката и ги натерала да се вратат назад во Македонија. За истиот случај јави Н1 кон средината на февруари, но српската полиција тогаш не одговорила на прашања за наводниот инцидент.