СЕ ВРАЌА ДОВЕРБАТА ВО ДЕНАРОТ - во април денарски штедни влогови не само што не се повлекуваа, туку и се вратија назад 17 милиони евра во банкарските канали
Објавено во: Финансии 20 Мај, 2022
Се враќа довербата на граѓаните во штедењето во домашната валута, денарот.
Ова секако дека е резултат и на фактот што првата монетарна куќа во земјава, Народната банка, покажа дека успешно го брани девизниот курс, и покрај војната во Украина, која донесе значително поскапување на увозот, а со тоа и поголема потреба од трошење на девизни резерви, но и покрај бројните шпекулации кои се појавија во поглед на стабилноста на домашната валута, кои предизвикаа потреба од интервенции на НБМ со девизни резерви на менувачкиот пазар.
Податоците кои ги објави централната банка за април говорат дека денарските штедни влогови на домаќинствата во тој месец се зголемиле за близу 17 милиони евра во однос на претходниот месец, што е многу значајно ако се има предвид дека според статистиката на НБМ, во март имало значајно намалување на денарските штедни влогови, и тоа за дури 159 милиони евра за само еден месец.
Априлскиот плус кај денарските депозити на домаќинствата говори дека граѓаните веќе не стравуваат од евентуални промени кај девизниот курс на денарот, па се решиле не само да не повлекуваат понатаму од влоговите во денари, туку и да вратат назад 16,8 милиони евра во банкарските канали.
Во април пораснале и штедните влогови во странска валута, и тоа за 25,8 милиони евра, иамко тоа е само продолжување на континуитетот кај девизните влогови, бидејќи тие бележат пораст со месеци наназад.
Или, вкупните депозити на домаќинствата во април во однос на март се зголемени за 42,7 милиони евра.
На крајот на април граѓаните во домашните банки чуваат вкупно 4,94 милијарди евра, од кои во денари се 2,33 милијарди евра, додека, пак, во странска валута се штедат вкупно 2,61 милијарди евра.
Н. Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.