ШЕСТЕ БИОЛОШКИ ЛЕКОВИ ЌЕ БИДАТ ДОСТАПНИ ОВАА НЕДЕЛА: „Уште еднаш да повторам - лекови има“
Објавено во: Македонија 27 Јануари, 2025
Министерот за здравство Арбен Таравари потврди дека оваа
недела ќе бидат обезбедени сите биолошки лекови кои недостасуваа на Клиниката
за онкологија. Истиот проблем, според директорот на Фондот за здравствено
осигурување, Сашо Клековски, ќе биде надминат многу брзо – дел преку донации, а
дел од лековите преку анекси на договорите за јавни набавки.
Таравари, во изјава за медиумите, истакна дека нема целосен
недостиг на онколошка терапија, нагласувајќи дека:
„90 отсто од лековите што се користат како онколошка терапија ја има во
Клиниката за онкологија.“
Тој додаде:
-Недостасува само биолошка терапија и тоа само шест-седум дена. Се надевам дека оваа недела Клиниката за онкологија ќе биде снабдена со биолошка терапија. Ние досега сме имале дури повеќе отколку минатите години биолошка терапија. Меѓутоа, побарувањата од пациентите се многу поголеми, затоа веќе имаме протоколи и конзилиум од доктори, бидејќи навистина е луксузна и не треба да се даде баш секаде, туку таму каде што е индицирано и таму каде што лекарскиот конзилиум ќе одлучи дека треба да се даде биолошка терапија. Уште еднаш да повторам - лекови има, не дека недостигаат сите лекови, и во текот на оваа недела повторно ќе има биолошка терапија на Онкологија, изјави Таравари пред настан по повод завршување на проектот за имплементација на Стратегијата за здравство 2021-2030.
Министерот најави дека во фокусот на реформите ќе биде и Клиниката за онкологија, за која се планира децентрализација на услугите и реорганизација на кадарот, со цел олеснување на пристапот до третманите.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, ја потврди информацијата за брзо решавање на дефицитот.
-Токму сега доаѓам од состанок со директорот на Клиниката. Еден дел ќе бидат решени со донации кои ќе се реализираат во текот на неделата, бидејќи лековите се присутни и ги има на залиха во Македонија, дел ќе бидат со анекси на договорите и тоа го расчистуваме денеска и утре со јавните набавки. Така што, мислам дека критичните лекови ќе бидат многу брзо достапни, истакна Клековски.