Добивај вести на Viber
Во интервју за германскиот весник „Билд ам зонтаг“, германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, категорично ја отфрли можноста за второ отпишување на дел од грчкиот долг.
Тој истакна дека Грција ќе продолжи да добива помош и по 2014 година, ако има потреба од тоа, но за тоа да се случи ќе треба да ги исполни барањата на меѓународните кредитори.
- Сигурно е дека, второ отпишување на долгот на Атина нема да има - изјави Шојбле.
Делови од интервјуто што ќе излезе во недела, беа објавени и потврдени денеска од германското министерство за финансии.
Два месеци пред парламентарните избори во Германија, конзервативната Влада на канцеларката Ангела Меркел, се обидува да ја задржи цврстата позиција во однос на финансиската помош за Грција, која е непопуларна меѓу мнозинството Германци.