Добивај вести на Viber
Џони Аив, човекот, одговорен за дизајнот на многу од клучните производи на Apple, е назначен за главен директор за дизајн во компанијата.
На новоформираната позиција Аив ќе се "фокусира целосно на тековните дизајн проекти, нови идеи и идни иницијативи", наведува во соопштението Apple.
Овој потег го прави Аив личност која е третата најголема клучна фигура во компанијата по главниот извршен директор Тим Кук и главниот финансиски директор Лука Маестри.
"Неговата улога е одраз на опсегот на работата што тој го прави во Apple од некое време", тврди Тим Кук.
Претходните менаџерски одговорности на Аив како виш потпретседател за дизајн ќе бидат поделени меѓу Ричард Хауарт, потпретседател на индустрискиот дизајн, и Алан Дај, потпретседател задолжен за корисничкиот интерфејс дизајн, посочуваат од компанијата.
Хауарт е ветеран во Apple, кој работи за компанијата од 20 години, додека Дај е дел од неа речиси една деценија. Аив ќе ги преземе новите задачи од 1-ви јули.
Во последните години неговата улога во Apple порасна. Неговото претходно искуство е поврзано со хардверот, но во последната година тој ја презеде контролата над групата одговорна за корисничкиот интерфејс во софтверската поделба. Ова се случи една година откако Аив одигра клучна улога за дизајнот на iOS 7, софтверот на Apple за iPhone и iPad.
По Тим Кук, Аив е е најпрепознатливиот директор на Apple. Тој е близок на поранешниот извршен директор на компанијата Стив Џобс.
"Ако имав духовен партнер во Apple, тоа е Џони. Џони и јас ги смисливме повеќето производи заедно ", коментира Џобс пред биографот Волтер Ајзаксон. Според зборовите на Стив Џобс, Аив обрнува внимание како на целиот производ, така и на најмалите детали од него. Освен тоа разбира дека Apple е производна компанија, и затоа работел директно со Џобс.
"Тој има повеќе оперативна сила од било кој друг во Apple, освен мене", додава уште Стив Џобс.
К.К.